Веста дека „фарми на тролови“ од Северна Македонија и од Филипините работеле за споделувачи на теории на заговор и дезинформации за Ковид-19 на Фејсбук го предизвика вниманието на македонската јавност. Вчера американски „СиЕнБиСи“ објави дека Фејсбук ги отстранил страниците на нарачателот на работата на таквите мрежи платеници.
Ова не е прв случај македонските армии на тролови да се поврзуваат со слични ентитети од регионот на југоисточна Азија.
Во септември 2018 година, како дел од кампањата „#Бојкотирам“, истражувањето на Атлантски Совет откри користење на фарма на тролови од Виетнам за подривање на поддршката за консултативниот референдумот преку кој граѓаните беа поканети да се изјаснат дали се за влегување на земјата во ЕУ и НАТО со променето име.
На пример, иницијативата на Атлантскиот Совет #ElectionWatch покажа дека виетнамски тролови се обидувале да креираат лажна слика за настани од владината кампања „За европска Македонија“ преку ставање негативни емотикони на видео-преносот на трибина од Кичево на која говорел тогашниот премиер Зоран Заев.
Според извештајот на Лабораторијата за дигитална форензика на Атлантскиот совет (Atlantic Council’s Digital Forensic Lab – DFRLab):
„Активноста изгледаше координирана со цел да се создаде лажен впечаток за тоа како јавноста ја гледа и чувствува кампањата „За“, во обид да се смени мислењето на поддржувачите и противниците.
Видеото на премиерот Заев емитувано во живо како дел од кампањата „За“ од средба со граѓаните на отворено во мултиетничкиот град Кичево. На видео-клипот има 2.753 реакции и околу 27.000 гледања.
Но, користењето на негативни емотикони беше невообичаено високо и достигна 909, при што се натпреваруваше со ракциите со 926 позитивни емотикони од обични корисници. Во споредба со други настани, во говорот не беше кажано ништо особено, ниту пак, говорникот направи некаков реторички гаф или предизвика посебна реакција на публиката,“ стои во извештајот на Лабораторијата за дигитална форензика.
извор: Мета.мк