Стигна веста за предлог Рамката за нашите преговори со Европската Унија, македонскиот јазик е наведен како јазик на кој треба да се преведе европското законодавство пред да станеме држава членка на Европската Унија, истакна Заев на прес конференција пред Собранието.
Согласно нашата лична карта во Обединетите нации и согласно нашето право на самоопределување, нашиот јазик е македонски, а ние и меѓународната комуникација ја водиме и на македонски јазик.
Ова е уште една потврда и признание за македонскиот јазик.
Ова нека биде и апел да запрат со лагите оние кои со месеци лажеа и велеа дека сме го изгубиле јазикот, и да престанат да го омаловажуваат јазикот, нарекувајќи го „северџански“.
Ние зборуваме македонски јазик, кој полека станува дел од големото европско семејство заедно со останатите европски јазици, вели Заев одговарајќи на новинарско прашање за вчерашните вести од Брисел дека е усвоена рамката за преговори каде во документот, нашиот јазик е наведен како македонски (Macedonian).
E, тоа е патриотизам, тоа е грижа за татковината, за македонскиот идентитет, вели Заев.
Денес ги повикувам нив, ДПМНЕ, да се одважат и да го поздрават усвојувањето на предлог Преговарачката рамка, да ја поздрават и веста дека законодавството на Европската Унија ќе биде преведено и на нашиот македонски јазик.
Беа против интеграцијата во НАТО и ЕУ преку договорот од Преспа.
Беа против законот за Јавно обвинителство кој носи правда, Мицкоски не аплаудираше кога тука, во Собранието го усвоивме протоколот за членство во НАТО. Ајде денес нека се одважат, нека го поздрават овој важен чекор кон нашата европска интеграција, нека го поздрават македонскиот јазик, истакна Заев пред Собранието.
А. Н. С.