ВМРО-ДПМНЕ во својата програма нуди минимална плата од 60% од медијалната плата, што изнесува 13.000 денари, а тоа значи намалување на сегашната минимална плата од 14.500 денари, која СДСМ ја зголеми за 60% за само 2,5 години, истакна носителката на листата на коалицијата „Можеме“ во Првата изборна единица, потпретседателката на СДСМ Мила Царовска, во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија. Нејзин соговорник беше политичкиот опонент, Тимчо Муцунски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за пратеник во Првата изборна единица и меѓународен секретар на партијата.
Зголемувањето на минимална плата за 60% на 14.500 денари директно влијае на квалитетот на живот на најсиромашните, 90.000 работници од трудоинтензивните сектори добија повисока плата, истакна Царовска.
На оваа изјава на Царовска, реагираа твитерџиите кои објавија колаж со фотографии од Тимчо Муцунски.
Тимчо Муцунски е поранешен заменик-министер за информатичко општество и администрација од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а јавноста го памети и по високите сметки за кафани на сметка на државата.
БИРН пред повеќе од три години, објави дека преку Законот за слободен пристап до информации ги добиле сметките за угостителски услуги што ги користеле екс-министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, заменикот Тимчо Муцунски.
Најскапи ресторански услуги користел Муцунски, во најголем дел направени во кафеаната „Рустикана“ во Скопје. Лосос во зелен сос од 650 денари, јунешки бифтек, јагнешко печење, морска риба, узо, лозова ракија, вино, пиво, виски и цигари се дел од работите кои тој најчесто ги нарачувал во ресторан.
Сметките што на негово име, плаќани преку фактура, биле направени во периодот од април до декември 2016 година, изнесувале околу 150 илјади денари или 2,5 илјади евра.
Д.Е.