Откако беше пречекан со овации од присутните сопартијци во хотелот Белви, претседателот на СДСМ, Зоран Заев се обрати по победата на коалицијата Можеме предводена од СДСМ на предвремените парламентарни избори. Заев беше најавен како мандатарот на новата влада на Северна Македонија.
Почитувани граѓани, претсатвници на медиумите, активисти, поддржувачи и коалициони партнери, МОЖЕМЕ! И ТОА КАКО МОЖЕМЕ! Успеавме народе мој! Со убедлива и стабилна предност од 3 пратеници пред ДПМНЕ, и можност за повеќе. Коалицијата „Можеме“ е победничка! Најразноликата, таа е победничка! Излегоа граѓаните и гласаа за иднина, економски патриотизам, подобро денес и подобро утре, рече Заев на почетокот на своето победничко обраќање.
На опасноста ѝ кажавме јасно НЕ! Имавме избори како што доликува на земја членка на НАТО, безбедни и современи! Ви благодарам на сите кои бевте денес дел од новото поглавје во современата македонска демократија, и сите вие кои учествувавте во враќањето на институциите. Ви благодарам на сите.
Почитувани граѓани, вие сте победници! Денес победи иднината, победи напредокот, рече Заев.
Сите учесници на денешните избори добија порака од гласачите. Среќен сум што граѓаните ги препознаа вистинските вредности. Следуваат раст на платите и враќање на парите кај граѓаните уште повеќе и со уште поголема грижа за секој. Следува почист воздух, следуваат преговори со ЕУ, и конечно народе мој, следува ПРАВДА!, истакна новиот мандатар пред да почне со одговарање на новинарски прашања.
Д. Е.