По неколкудневно молчење, добитничката на Греми, британската пејачка со косовско потекло, Дуа Липа, се огласи за реакциите кои не стивнуваа неколку дена околу нејзината објава на социјалните мрежи од географска карта на фашистичка идеја за „голема Албанија“.
Во објавата на Инстаграм, Липа напиша: Мојот претходен пост не беше со намера да разгори било каква омраза. Тажна сум што мојата објава намерно е погрешно толкувана од некои групи и индивидуалци кои промовираат етнички сепаратизам, нешто што целосно го одбивам.
Кога и да објавам нешто за Косово, ми полудуваат социјалните мрежи, дури и ако е нешто весело како храна или музика, и се соочувам со силен отпор кон идејата за автентична косовска култура.
Сите заслужуваме да сме горди на нашата етничка припадност и потеклото. Само сакам мојата држава да биде претставена на мапата и да можам со гордост и радост да зборувам за моите албански корени и мојата родна земја. Ги охрабрувам сите да го прифатат своето наследство и да учат едни од други. Мир, љубов и почит за сите – Дуа Х.“
Сепак, фотографијата која Липа ја сподели не е од нејзината родна држава Косово, каде го поминала раното детство пред да се вратат со семејството во Лондон, туку е од „голема Албанија“ која е како идеја поврзана со албански национализам и заземање територии од соседни земји.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година и како држава е признаена од САД и повеќе европски влади, но не и од Србија и нејзиниот сојузник, Русија.
Албанските националисти тврдат дека нивниот народ се населил на таа територија долго време пред србите, но србите го негираат ова.
Објавата на Дуа Липа следува по онаа на Рита Ора, која е исто така со потекло од Косово, за државата да се најде на Apple Maps.
Oра пишала „Би сакала да видам како Епл ја шират свеста со тоа што ќе ја стават Косово на мапата. Албанија и Косово се полни со убавини и таленти“.
Неодмна е започната петиција во која се повикува Apple Maps да ја претстават Република Косово како независна држава. Петицијата засега има собрано над 131.000 потписи.
Извор: SkyNews.