Маргарита Цаца Николовска, во изјава за Телевизија 24, рече дека меѓународните обвинителства и судови се многу затворени и не наведуваат во кое својство повикуваат поединци или високи функционери. Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур не ја исклучува можноста во поканата што ја добил Ахмети тоа и да било наведено, но како што истакнува Николовска, таква пракса не постои.
„Тоа што Ахмети смета дека е повикан како сведок, можеби во неговата покана да има такво нешто, меѓутоа на официјалната страница на Хашкиот трибунал нема податок во кое својство е повикан. Во една таква ситуација, кога не знаеме, можеме само да претпоставуваме. Јас можам да кажам дека во зависност од изјавата и во зависност од тоа што трибуналот смета дека е релевантно, понатаму можеме да очекуваме какво својство ќе му определи на лицето кое што ја дало изјавата, односно на господин Ахмети“, рече Николовска на Телевизија 24.