Тетовските планинари празникот Илинден го забележаа на свој, уникатен и традиционален начин. На помали Илинденски тури, повеќе планинарски клубови од тетовскиот регион се искачија на веќе познатите врвови на Шар Планина, почитувајќи го притоа Правилникот на планинарската федерација за превенција на ширење на Ковид-19, без јавни повици.
„Илинденска екскурзија ние организиравме до највисоката точка на Шар Планина, Титов врв, на 2747 метри надморска височина и мини источна трансверзала на масивот во текот на вчерашниот празничен ден”, информираа клуб „Аргентус Монт” од Тетово.
Од друга страна неколкумина членови на планинарскиот клуб „Јелак” се качија на врвот Љуботен на 2498 метри надморска висина, а членови на планинарскиот клуб „Љуботен“ изведоа планинарски марш до месноста Лешница.
А.Зеќири