пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
СРЕДБА МИЦКОСКИ-АХМЕТИ: Се трасира пат за нова Влада?! – е насловот на еден од куртон медиумите. Всушност, има два наслови таму. Ако се читаат секој посебно, може да се каже дека се точни. Навистина, Ахмети и Мицкоски се сретнале. И точно е дека „се трасира пат за нова влада“. Ама нејасно е зошто се двата наслови ставени едно до друго. Долг е патот до Илинденска бб и никако не води преку грбот на трикратен лузер. Кој го игра, го прави тоа само за да си ја качи цената, ништо друго.
ПРОТЕСТИТЕ против новите, повисоки, цени на струјата секако се поважна вест од тоа како лузерите се обидуваат да си ја качат цената преку лажни вести и медиумски манипулации. Нивните лаги имаат ефект само во главите на оние што ги смислуваат и толку. Не се разбирам во економија и пазар, но секое поскапување на услуги и добра за задоволување на основните животни потреби на луѓето, во мене буди револт. Сепак, во оваа лимбо ситуација, со техничка влада и тукушто конституиран парламент, тешко дека протестите ќе имаат некаков ефект, башка што може да бидат злоупотребени за други цели. Во секој случај, секој мирен протест, особено ако е за социјална правда, значи здравје за демократијата.
ФОРМИРАЊЕ ВЛАДА… Сите што се во редицата кај Заев имаат подолга листа со барања отколку што им е долга листата со обврски што се спремни да ги исполнат. Јака му душа на човекот…
ШЕКЕРИНСКА, претседателка на Собранието… Има нешто чудно во ова? Се разбира, не. Иако, мора да се признае, ако навистина стане прва жена претседателка на Собранието, ќе изгубиме извонредна министерка за одбрана. Но, колку и да е супер жена, не може да биде на две места истовремено.
МОЖЕ ЛИ МАЛКУ да се опуштам со една порака? Еве: Има една Мара, Ѓурѓа или како ѝ се викаше профилот, што мисли дека прави кој знае што. А бе Ѓурѓо! И ти и оној твојон, што и да ти е во твојот беден живот, сте обични криминалци, недостоинствени и валкани, секој ден со полни гаќи. Се извинувам за малку послободниот речник…
СКОПЈАНИ СЕ ЖАЛАТ на високите цени во Охрид и околината. Охридските домаќини, пак, се жалат дека домашните туристи го задушија градот во отпадоци, а пари не оставаат. Сите сме сиромашни за по нешто, не само за пари… Сега и онака врне…
ЧИМ ИМ ВЛЕГОВМЕ, нема излегување… – напишал радикалниот десничар Апасиев, во јавноста сè уште познат како шеф на Левица. Ништо оригинално. Многу политичари (апаши) го рекоа тоа и се збогатија на грбот на работничката класа. Овој фолирант влезе во Собранието на Република Северна Македонија веќе прилично збогатен од претходните години, цицајќи го буџетот кој го полнат токму работничките и работниците за кои тој вели (лаже – суши) дека ги застапува.