Расфрлано ѓубре на сите страни, глува тишина, која само ветерот и камионите и тракторите на штипското комунално претпријатие „Исар“ можат да ја нарушат. Вака изгледа депонијата Трештена скала, на којашто се депонира целиот смет од Општина Штип. Директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев за МИА вели дека проблемите се исти како и во останатите градови, летно време собирачи на железо, пластика знаат да ја потпалат.
-Се случува неколку пати годишно, но со помош на пожарникарите веднаш се гасне. Депонијата не е оградена, пред неколку години почнавме да ја оградуваме, но се соочивме со кражби на оградата. Не може на неа да има чуварска служба, едноставно не е хумано некој човек да ставиш да ја чува, а на неа ниту има струја, ниту пак вода, вели Тасев.
Според него доборо е што депонијата „Трештена Скала“ е оддалечена од градот, па не се чувствува загадување, како што некои градови имаат проблем. Пред 16 години Штип ја дислоцираше депонијата на оваа локација, тогаш со европски пари, околу половина милион евра се изгради и патот до неа. Истата слика е и во Општините Карбинци, Свети Николе и Пробиштип. Во малата рурална Општина Карбинци, ништо поразлично. Собирачи на пластични шишиња, но и земјоделци кои имаат ниви околу депонијата во близина на селото Карбинци ја палат и таму немаат чуварска служба и затоа во текот на викендите се случува месното население, кое има ниви околу депонијата ја палат, со цел да си ги заштитат земјоделските култури од отпадот.
Но, токму општините од Источниот и Североисточниот планаски регион спас со депониите, кои според експертите во моментов се на ниво на буништа се гледа во современата регионална депонија во близина на светиниколското село Мечкуевци, каде што ќе се гради современ систем за управување на отпад за вкупно 18 општини. МИА претходно информираше дека современиот систем за управување со отпад или како што ја нарекуваат регионалната депонија кај светиниколското село Мечкуевци ќе почне да се гради во втората половина на 2021 година.
Мазневска за МИА вели дека во тек е дистрибуцијата на камионите за отпад на комуналните претпријатија на 18 те општини, комплетната дистрибуција треба да заврши во септември, а Комисија треба да излезе на терен и да види дали набавката на овие камиони е согласно тендерската постапка.
-Што се однесува за документацијата за тендерската постапка за изградба на современиот систем за управување со отпад е во финална фаза и очекуваме веќе до крајот на годината да се распише и овој тендер. Целиот проект, кој го финансира Европската унија ќе чини околу 40 милиони евра. Следи период и на обуки на оние кои ќе работат во новото јавно претпријатие, вели Мазневска.
Локацијата на депонијата е селото Мечкуевци во Општина Свети Николе, избрана е врз основа на експертски анализи и техничка документација, која чинеше 850.000 евра. Екпсертите одлуката за оваа локација ја донесоа врз основа на анализи и со споредба со уште неколку локации.Свети Николе природно припаѓа на брегалничкиот регион, но при креирање на планските региони во земјава вештачки е припоен кон вардарскиот регион, за да го задоволи критериумот со бројот на жители. Свети Николе пред неколку години е вклучен во проектов со согласност на претходната локална власт и одлука на Советот на Општина Свети Николе.
Пред една година жителите на неколку села, НВО секторот, како и локалната власт побараа рефрендум и локацијата на фабриката за отпад да биде кај селото Богословец, но екпсертите на јавна расправа го презентираа проектов и појаснија дека изборот на нова локација е направен врз основа на еден куп анализи и што е најважно овој систем за управување со отпадот нема да ја загадува животната средина.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА вели дека став на Општината е со новото јавно претпријатие за двата региони да раководи директор од Свети Николе, а претпријатието си има Управен и Надзорен одбор во кој ќе има членови од останатите општини.
-Не отстапуваме од ова наше барање, фабриката за отпад ќе биде лоцирана во нашата општина. Засега формирањето на ова јавно претпријатие е статус кво по формирање на новата Влада, по што верувам дека и овој процес ќе се забрзаа. Според стратегијата и документацијата во овој современ систем за управување со отпад ќе бидат вработени 30 луѓе, вели Велковски.
Општините од источниот и североисточниот регион во изминатите 11 години успееја да ги изодат сите процедури, законски измени, според европските стандарди, со цел во земјава да се изгради првата современа фабрика за отпад./МИА/.