Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС, смета дека доста е чудно, па вели и бесмислено да се прават вакви протести веднаш по изборите бидејќи граѓаните го кажале своето мислење со гласањето, пишува „Радио слободна Европа“.
Потсетувајќи на големата загуба на гласови на изборите кои ја доживеаа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, освојувајќи вкупно околу 250 000 гласови помалку од претходните избори, Кржаловски вели дека периодот од сто дена требало да се искористи на поинаков начин.
„Токму затоа треба интроспекција, односно поглед внатре, а не само да се повикува на нови протести колку да се капитализира на евидентното незадоволство на граѓаните. Но се уште повеќето граѓани сметаат дека тоа е подобро отколку вакво ВМРО-ДПМНЕ и наместо самите да се преиспитаат сега се оди на очекуваното зголемено незадоволство на граѓаните, пандемијата која се очекува да удри силно и врз економијата есенва“, вели Кржаловски.
Од друга страна, пак ВМРО-ДПМНЕ се соочува со незадоволство кај сопственото членство по поразот на изборите што се одржаа на 15 јули. На нив партијата што ја предводи Христијан Мицкоски освои 44 пратеници, за два помалку од СДСМ и нивната коалиција која доби 46 пратенички места. Во првите денови по изборите и Мицкоски тврдеше дека преговара за составување на владино мнозинство од 61 пратеник, но без да каже детали со кого преговара, ниту за можните комбинации, пренесува РСЕ.