Силјан Мицевски денеска сведочеше во предметот „Талир“ на предлог на обвинителката Ленче Ристоска. Тој добил тендер од партијата ВМРО-ДПМНЕ. На прашање на Ристоска дали од повисоките ешалони од власта кои се јавувале како инвеститори во добиените тендери влијаеле и барале од него да земе подизведувачи, Мицевски одговори потврдно, дека тие сугестии биле за помали компании кои барале работа во владата, пишува СДК.мк.
„По наредба на премиерот или генералниот секретар на Владата се случувало да ми кажат: ‘Земете го тој и тој подизведувач’. Кирил Божиновски ми дал таква сугестија. Ми кажал на пример да го вклучам ‘Трансмет’ за ископ во Битола”, одговараше под заклетва Мицевски.
На прашање дали некогаш донирал во ВМРО-ДПМНЕ, тој одговори:
„Да, лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. Одамна беше тоа. За ВМРО-ДПМНЕ и индиректно сме донирале, за избори. Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ околу 70.000 евра. Требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас платив. Плативме не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата”.
Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари Никола Груевски за Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело. Груевски е избеган во Унгарија и во сите процеси му се суди во отсуство.
За истите две кривични дела, казниви со затвор, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор пренесува СДК.мк.







