пишува Ерол Шаќири
Прво ВМРО ДПМНЕ не се ниту народот ниту пак се сиромашни, но секогаш се повикуваат на сиромашниот народ кога треба да се спаси раководството на партијата. Оставете тоа црвениот мерцедес на протестот, некоја несреќна будала која и да го прашате зашто е излезен на протест нема да знае да ви каже.
Второ, да не се транспарентите на протестот на опозицијата организиран по само неколку дена од формирање на новата влада човек ќе помисли дека тие се поради тоа што владата направила едно од следниве неколку работи: Уапсила некој новинар, претепала или се заканила на некој новинар (запалила возило или куќа…) или новинар загинал во нерасчистени околности; претепале до смрт младо момче и пробале да скријат; насилно избркале опозициони пратеници и новинари од Собрание; нарачала лустрација на неистомисленици; потрошила милијарди на „чоколадо, а немаме за леб“; ги украла изборите….и таканатаму..
Протестот сепак е за две пива, или две кафиња како сакате. Јас лично не сум за зголемување на цената на струја, вода, парно, прехрамбени производи, јавен превоз и таканатаму, доколку нема пропорцијален раст на платите и пензиите. Ова второто се случи колку што знам, се покачи и минималната плата и пензија како и просечната плата но небитно. На неколку дена после формирање влада да организираш протести за покачување од „две пива“ не е баш најсериозно.
Просечна сметка на струја е 2000 денари, а 7% од тоа е 140 денари или две пива или кафиња, значи не е нешто што би влијаело драстично на квалитетот на животот, па да мора да се крати од неопходното за да се надомести.
И уште нешто е многу интересно, а се однесува на дежурните критичари. Поврат на ДДВ или Мој ДДВ (скенирањето на сметки) го оценија на следниов начин: „тоа е смешна мерка, тоа се ништо пари, тоа се неколку стотини денари во месецот и таканатаму“, за сега тие истите за кои стотина денари во месецот да им ги врати државата беа малку, 140 денари што им ги земала државата оддеднаш се многу. Се разбира дека подобро е да ги испиеш двете пива или двете кафиња, но сепак треба малку и реален да се биде. На крајот на краиштата протестите на опозицијата не се ниту за струјата, ниту за пивата, едноставно не знаат што да прават со себе.
Во улогата на конструктивна опозиција не се гледале, не се ни гледаат. Ги преспаа главните процеси во држава, а како тргнале изгледа ќе го преспијат и евроинтеграцискиот, а и подобро од две причини, и онака никој од меѓународната заедница не ги есапи и второ, и да сакаат да помогнат во овие процеси не можат и не знаат. Само навстина ми е жал за вмровците (обичните гласачи), сепак е ова нивно беспотребно малтретирање.