Наоми Осака е шампион на Отвореното првенство на САД за 2020 година. Јапонката, пласирана под бр.4 ја совлада Белорусинката Викторија Азаренка со 1:6, 6:3, 6:3 во финалето на УС Опен.
Пред празните трибини на најголемиот тениски терен во светот „Артур Еш“, Осака направи неверојатен пресврт и по втор пат во кариерата триумфираше во Њујорк, откако ова се случи пред две години. Осака губеше во резултатот со 1:6, 0:2, но се опорави и успеа да ја добие битката меѓу двете поранешни лидери на светската ранг-листа.
– Прво сакам да и честитам на Вика. Не сакам да играм повеќе финалиња со тебе, тоа беше многу тежок натпревар за мене, но во исто време и инспиративен, бидејќи кога бев помлада гледав како играш овде и ми беше одлично да имам можност да играм со тебе, со насмевка се обрати на Азаренка новиот шампион за време на доделувањето на наградите.
Осака не пропушти да им се заблагодари на луѓето во својот тим, на ВТА и на организаторите на УС Опен, не заборавајќи го своето семејство.
– Мислев дека ќе биде многу непријатно да го загубам мечот за помалку од еден час и се трудев се од себе да престанам да бидам лошо расположена, додаде Осака, зборувајќи за тоа како се чувствуваше на страшниот почеток на финалето.
Азаренка не успеа да го добие финалето на УС Опен во третиот обид, откако го загуби директниот натпревар за трофејот во 2012 и 2013 година од Серена Вилијамс.
– Мислев дека среќата доаѓа на трета, но претпоставувам дека ќе треба да се обидам повторно. Честитки за тебе и за твојот тим, Наоми, тоа беа неверојатни две недели. Јас сум многу среќна за тебе и се надевам дека ќе се видиме во повеќе финалиња. Сакам да му се заблагодарам на мојот тим што продолжи да биде покрај мене и да верува во мене. Следните недели исто ќе бидат забавни. Се радувам на ова патување. Патот досега беше долг, но беше забавен, рече Азаренка на доделувањето на наградите.
Двете тенисерки заслужено се пласираа во финалето откако во последните 3 недели покажаа одлична форма во Њујорк. Тие стигнаа до натпреварот за трофејот и на турнирот од Премиер 5 во Синсинати, но поради повреда на левиот Ахил, Осака не излезе во финалето и Азаренка го освои трофејот без игра.
Сега, сепак, приказната беше поинаква и името на шампионот е Наоми Осака.
Ј. Ѓ.