Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска се сретна со новинарката на „Ал Џезеира“, Милка Смилевска која беше нападната на минатонеделниот протест. Министерот Маричиќ истакна жалење за овој настан и потенцираше дека токму ваквите напади ја загрозуваат слободата на известување на медиумите и дека ваквите напади врз новинарите воопшто не се добри во едно демократско општество, но и дека негативно се одразуваат на имиџот на државатa.
Маричиќ истакна дека очекува институциите да постапат по овој случај со што ќе испратат и порака вакви напади да не се повторуваат во иднина врз други новинари и медиумски работници.
Во таа насока, министерот најави дека ќе направи максимални напори преку законски измени во Кривичниот законик да ја зголеми заштитата на новинарските екипи, во однос на одредбите кои се однесуваат на спречување или напад на новинар во вршењето на професионалната дејност. Министерот Маричиќ најави и дијалог со синдикатите на новинари и медиуми по однос на ова прашање.