Премиерот Зоран Заев во објава на Фејсбук сподели за првиот работен ден на конференцијата на реномираниот „Економист“, која се одржува во Атина, а на која тема на разговор било успешното справување со пандемијата и кризата која таа ја предизвика.
Првиот работен ден на конференцијата на угледниот „Економист“ во Атина го завршуваме со заедничка констатација дека во критични времиња, предизвикани од пандемијата со КОВИД-19, народите од Европа мора да бидат здружени во справувањето со заканата по здравјето на граѓаните, на јавното здравје, на економијата и на општественото живеење.
Со мојот пријател и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас и со поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, на свечената вечера се согласивме дека ова е време кога заедно со националните интереси на секоја земја, ги споделуваме и солидарноста и кохезијата за да направиме уште еден чекор напред кон подобра заедничка иднина.
Пандемијата со КОВИД-19 значително го промени нашето секојдневие, но заедно сме тука за да станеме посилни, за да ја совладаме и победиме заканата која предизвика здравствена, економска и социјална криза.
Заеднички ја исцртуваме стратегијата за да излеземе од кризата посилни и со продлабочено пријателство од справувањето со кризата, напиша премиерот Заев на Фејсбук.
А. Н. С.