Со историскиот Договор од Преспа, кој го постигнаа Заев и Ципрас, а беше поздравен од целиот денократски свет, освен што се реши повеќедеценискиот спор за името, се отворија вратите за поширока соработка помеѓу двете земји. Тоа го покажа и довчерашната посета на Премиерот Заев во Атина со средбите што ги имаше со државниот врв на Грција
Премиерот Заев за посетата на Атина, во интервју за МИА, вели дека веројатно ова е прва посета на македонски премиер по 20 години, а освен што ги открива следните чекори на билатерално ниво и најавува интензивирање на соработката, открива и дека Мицотакис сака да дојде во Скопје.
– Разговаравме, во пријателски дух, комплетно да им покажеме на сите што значат две пријателски земји кои имаат потпишано договор за стратешко пријателство, бидејќи Преспанскиот договор не е само за решение на проблемот со името и зацврстување на нашиот македонски идентитет, истакна Заев.
Тој нагласува дека најголемиот дел од Преспанскиот договор е стратешкото партнерство и не е само во воздушното покривање, во безбедноста.
– Овде е економијата, енергетиката, образованието, здравството и слично, така да иако сме дојдени овде на покана на „Еономист“, сепак овие две средби со премиерот и со неговите министри што ги направивме, но и охрабрувањето кое што го добивме од претседателката на Грција, навистина, за мене се остварување на нашите желби за да го искористиме токму тој потенцијал од јужниот сосед кој што е најстара членка на Европската Унија, најстара членка на НАТО од целиот овој регион, со доста добро поставено лоби насекаде во светот, огромен број на компании, силни, мултинационални, но и со милијарди во својот обрт, сето тоа го гледам како можност за економски раст и развој на Република Северна Македонија, потенцира Заев.
Премиерот Заев на покана од „Економист“ на 15 и 16 септември учествуваше на „24-та тркалезна маса со грчката Влада“ во Атина и оствари средби со претседателката на Грција, со лидерот на опозициската СИРИЗА Ципрас и со Премиерот на Грција Мицотакис.
Ј. Ѓ.