Четврти ден по ред голем број на починати кои биле заразени со вирусот Ковид-19. Во вторникот беа регистрирани 9 починати, во средата и четвртокот по седум, а денеска осум починати. До сега, од почетокот на пандемијата, во Македонија бројот на починати изнесува 683. Во последните 24 часа се направени 1545 тестирања, а регистрирани се 144 нови случаи на Ковид-19. Од нив, најмногу се во Скопје или 27, а раст новозаболени бележи Струмица.
Починати се 8 лица, еден пациент од Куманово (48г), еден од Штип (65г), двајца пациенти од Прилеп (62 и 83г), еден од Тетово (69г), еден од Струмица (39г), еден од Виница (63г) и еден пациент од Кичево (56г).
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 97 оздравени пациенти.
Во официјалната статистика на починати од коронавирус влегуваат и починатите кај кои пост мортем е детектирано дека починале примарно од друга болест, но биле позитивни и на коронавирусот, одговараат од Министерството за здравство на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК за високиот процент на регистрирани смртни случаи во земјава.
„Ние од почетокот поставивме стратегија во која на сите пациенти кои починале, вклучително и на оние кои немале симптоми на коронавирус, ќе им биде земен брис. Со ова, пост мортем детектиравме повеќе пациенти кои починале примарно од друга болест, но се покажале и позитивни на вирусот. Тие сите влегуваат во статистиката на починати од коронавирус. Ова не го прават сите земји и заради тоа значително варира смртноста кога се споредува истата меѓу земјите. Ние се одлучивме заради темелен увид во ширењето на вирусот на овој начин детално да ги водиме починатите, но тоа ни донесе и повисок процент на регистрирани смртни случаи“, велат од Министерството за здравство.
Досега во земјата се направени вкупно 172.700 тестирања на ковид -19. Нема тестирања во рамките на скринингот.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16417, бројката на оздравени пациенти е 13732.
Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2002.
И.З.