Откако на неколку портали се проширија шпекулациите дека е побегната поранешната министерка за внатерешни работи на која вчера Врховниот суд и ја одби жалбата за случајот „Тенк“, Јанкулоска преку Фејсбук вели дека на крај памет не и паѓа да се даде во бегство.
Јанкулоска постира фотографија сликана од нејзиниот дом (таг: Адора под Водно) со која го потврдува присуството, а на фотографијата се гледа полициско возило пред нејзиниот влез.
„Нема потреба од спектакли, опсада на зградата во која живеам, вознемирување и претресување на соседите. Ако некој ме бара јас сум дома и на крај памет не ми паѓа некаде да бегам. Ништо не е поскапоцено од секој момент поминат со семејството.“, пишува Јанкулоска.
Од полицијата за Фронтлајн известија дека сѐ уште немаат наредба од судот за спроведување на Гордана Јанкулоска која, со одлука на Врховниот суд е осудена на 4 години затвор во случајот „Тенк“.
„Преземаме стандарни полициски оперативни мерки и активности, а сѐ уште немаме добиено никаква наредба за спроведување на Г. Ј. Кога ќе добиеме наредба од судот, ќе постапиме. За сите други информации е надлежен судот“ – гласи одговорот на МВР за Фронтлајн по шпекулациите во јавноста дека Јанкулоска избегала од земјата.
Предмет на обвинение во случајот „Тенк“ беше незаконски тендер за набавка на луксузен „мерцедес“. Екс-министерката во МВР, Јанкуловска со првостепената пресуда беше осудена на затворска казна во траење од шест години, а Апелација ѝ ја намали на четири.
Ј. Ѓ.