Оштетениот сведок во случајот „Таргет-Тврдина“, новинарот и колумнист Сашо Орданоски, рече дека од 2008 до 2015 година работел како новинар и дописник, а кога му бил даден материјалот со транскрипти му било кажано дека е еден од петте најприслушувани во државата, а бил и цел на следење.
– Не само што се чувствувам оштетен, туку имам и реална материјална штета. Ноќта меѓу 3 и 4 мај 2015 година беше дигнато во воздух мое возило во Бардовци. Потоа ја напуштив државата, бидејќи бев предупреден дека се спремаат и други работи против мене. Конечно низа други штети, бидејќи јас бев цел на пропагандата на тогашниот режим, изјави Ордановски.
Новинари, политичари и други кои биле прислушувани во периодот од 2008 до 2014 година денеска сведочеа за тоа која функција ја имале во општеството во тој период и како дознале дека се прислушувано, на судењето за незаконското следење на комуникациите “Таргет-Тврдина”. Се изјаснија дека се оштетени, а најавија и оштетено побарување.
Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристеска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
J. Ѓ.