#FrontAction: ВЛАДАНКА ДИМКОВСКА
Здраво драги читатели и гледачи на Фронт Акција, еве сум тука пак – на првата линија со вас. Завршија летните одмори – а со тоа се родија и нови идеи и визии за тоа како оваа моја видео колумна да се раскрили во многу нешта. Нема да должам многу – ќе зборувам за сè и сешто – спонтано и природно како обично. Ќе критикувам кога треба, но без оглед на сè секогаш ќе ја гледам позитивната страна на работите – зошто длабоко верувам дека позитивното огледало на нашиот свет е творец на општеството во кое сакаме да живееме.
Во изминативе месеци реално, претрпевме многу, уште пореално би рекла – секого различно го “удри” корона кризата. Екстровертните полудеа дома (како мене), интровертните добија огромна желба за дружење, но сите заедно на глобално ниво почнавме да учествуваме во создавањето на новиот поредок.
ХРАБАР НОВ СВЕТ!
Раѓање на нешто поинакво, и еве го полека се навикнуваме сите на оваа нова за мене “шашава” реалност и почнуваме да ги прилагодуваме и нашите професии на тоа.
Се отворија театрите – за мене лично, тоа е ударна вест периодов. Владата дозволи отворање на театрите и кината, како и организирање на настани, претстави на затворено според одредени протоколи и мерки.
Таман кога мислев дека нема излез од Ковид тунелот се појави светлото на крај – и ние почнавме со проби.
Официјално – пробите не се ко што сме навикнати, нема гушкање и долги разговори, нема мизансценски проби со допири, нема читање реплики од усни. Играме на дистанца, со маски и читаме од очи. Допирот верувам ќе ни недостига уште долго време. Ми недостига да допрам некој, да го прегрнам и да зборувам долго за светот на Молиер.
Долгите читачки проби ги заменивме со ЗУМ, ВИБЕР и останатите технологии, два часа ефективна проба на која се обидуваме да создадеме уметност.
Растревожена во обновувањето и од новото раѓање на театарот ветувам дека тој нема да се смени.
Ќе остане ист – зошто на крај на денот, колку и да сме дистанцирани на сцена и во публика – колку и да носиме маски – на сцена или во публика, театарот секогаш ќе зближува.
Се враќаме на корените, на почетоците и на сржта на уметноста, за да откриеме што е важно.
Јас велам – да ги кренеме завесите – за еден похуман театар. Време е!
Сега одам на проба – вечер ве чекам на отворање на Денови на комедија.
Читајте, гледајте и пратете ме – отворено, сама или со некој, за сите возможни теми – ќе зборувам тука.
Ова е мој простор – и ваш.
Се читаме тука, се гледаме тука, а ако има нешто интересно што сакате да споделите, слободно контактирајте ме.
Со почит,
Ваша В.