пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Бајден беше последната инстанца на која Груевски се надеваше дека може да ја обезбеди американската поддршка во рамките на таканаречениот пржински процес. Со помош на Обединетата македонска дијаспора, низ класични лобистички, значи, не дипломатски канали, беше платена и обезбедена таа полутајна вечерна средба во Вашингтон (јануари 2016), на која на најголемиот мирновременски злосторник во историјата на повоена Европа, човекот кој по четири години ќе стане 46 претседател на Соединетите држави, на јасен начин му објасни дека смислата на Договорот од Пржино е демократска промена на власта што ја беше заробила малата балканска држава, е не начин таа да остане. И дека американскиот став и ставот на американскиот потпретседател, конечно, и на амбасадорот Бејли, кој одигра многу важна улога во конципирањето и спроведувањето на договорот од Пржино, се јасни: ослободување на Македонија од прангите на режимот, демократија, правна држава, институционален поредок, казни за злосторниците.
Си дозволувам мала слобода во интерпретацијата на таа средба, но верувам дека така течел тој муабет.
„Дир Никола, ако мислевме дека е в ред ти да останеш на власт, немаше да го правиме Договорот во Пржино, дали ме разбираш.“
„Добуо Џо, но јас ќе се боуам, да знаеш, ќе се боуам како што Туапм ќе се боуи по поразот што ќе го претрпи на претседателските избори од тебе, четири години подоцна“ рекол пророчки идниот бегалец и егзил мајстор од улицата Шаци во Будимпешта.
Се сеќавате, не.
Не сум сигурен дека таков ќе беше исходот на тој муабет, а и на процесите во Македонија, ако на местото на Бајден беше потпретседателот на Трамп. Хахаха. Дури сум сигурен дека Груевски, од позиција на премиер, денеска ќе бараше да се пребројат гласовите во Пенсилванија и со Јанез Јанша ќе се заканеа дека ќе се самозапалат ако пребројувањето не покаже дека Трамп е победник.
Мислам дека Македонија успеа правилно да го разбере значењето на претседателските избори во САД и да просуди зошто е исклучително важно Бајден да победи и покрај тоа што со важна логистика и поддршка на администрацијата на претседателот Трамп, Македонија успеа да ги оствари своите најголеми надворешно-политички дострели, со највисоки безбедносни гаранции и интеграциски перспективи. Тие резони и мотиви се однесуваат пред сé на глобалната ситуација, што говори за одговорноста и свеста на државата и општеството за општите работи и за нивниот одраз како општи врз нашата маленкост. Но, и оваа мала ретроспекција покажува дека имаме право обнадежени да го чекаме мандатот на Бајден затоа што тој, односно неговото политичко кредо, на многу очигледен начин веќе се вградени во македонската позиција и перспектива, особено во силата да излеземе од најстрашното мочуриште во кое бевме заглавени, тоа на вмро-дпмне.
Јас сум еден од ретките посматрачи кои веруваат дека, во крајна инстанца, Бугарија ќе ја крене рампата пред почетокот на преговорите на Северна Македонија со Европската унија. Да е американската администрација во полн капацитет, таа работа би одела побргу, вака ќе мораме да се потпреме на германските инсистирања, на македонските компромиси и на бугарските попуштања. Што се однесува до нашите компромиси јас ги охрабрувам преговарачите да настапуваат ослободени од бесмислените обврски кон бесмислената предвоена историја, од таа галерија на напумпани безначајности, односно да се позиционираат дијаметрално спротивно од позициите на Бугарија, која настапува со став дека се тоа многу важни работи. Како и од позициите на патетичните македонисти кои тврдат дека без тие корени ние ќе ги загубиме и плодовите. Јас мислам дека е обратно, но океј, ако можат да поминат со размена на историските кукли за светли перспективи, тоа исто така би било добро. Кога сме веќе влезени во овој спор, мислам дека неоправдано цинично се однесуваме кон бугарските гаранции за сегашноста и иднината. Треба да сме среќни што безвезните македонски гаранции и признанија за уште попразната историјата, на Бугарите нешто им вредат и дека се спремни да ги откупат со монетите на иднината. Без размислување треба да ги трампиме за стварноста.
Но, друго нешто сакав да кажам.
Како и зошто после осумдесет години државност и национален развој ние не успеавме да ја обезбедиме сопствената неспорност?!
Зошто секој божји ден нè буди некаков напад врз нашата самобитност.
Заедно со обврската да се браниме и да докажуваме дека сме тоа што сме, а не тоа што викаат комшиите?
Какви последици врз општата состојба на нацијата и на нејзините членови има таа перманентна состојба на оспорена квалификуваност, на дефектноста со која нè клука кој како ќе стигне?
Јас мислам- катастрофални.
Дури и кога ни се чини дека во еден конкретен судир сме се одбраниле или, дури, дека сме победиле.
Јас мислам дека тоа е клучно прашање.
И дека без квалитетен одговор на тоа прашање ние не можеме да одиме напред комплетно фит.
Без освестување за македонските избори на македонските проблеми.
Нека да ги оставиме за момент негаторите и да се свртиме малку кон вината на жртвата.
Еве тука, само некои тези:
Историјата која се темели на интерпретацијата на материјалот кој не е регистриран како наш, затоа што не сме постоеле како регистриран историски, национален и државен субјект. Туку само како спорадично забележана флотантна маса. Жива сила на балканските милитаризми. За разлика од соседите кои постоеле и тој материјал си го архивирале и регистрирале и пуштиле во оптек.
Проблемот е во тоа што ако ние не сакаме да одиме кон вистината, вистината ќе дојде кај нас и, еве ја, таа е тука, во ликот на вмро-дпмне, за да ни покаже дека историјата на која ние инсистираме и се караме со Бугарите, е историја против создавањето на македонската држава и уште повеќе нација и тоа оваа злосторничка структура цело време многу убедливо ни го покажува. Не еднаш сум пишувал дека не можеме да бидеме и вмро и Македонци. Или ќе го исфрлиме тоа страно тело од националниот организам или тоа тело ќе го исфрли националниот организам од историската игранка. Тоа што голем дел од општеството и покрај се, не е во состојба да проникне во оваа елементарност, говори во прилог на мојата теза дека од тоа историско срање треба да се ослободиме час поскоро, а не да го браниме. Да престанеме да ја двоиме смрдеата од говното. Бугарите не се во право во однос на политичката актуелизација и експлоатација на темата, но во однос на историските факти во многу работи се во право.
Второ, целиот наш развој беше многу ниско плафониран, го одредуваа амбициите да се пополни внатрешноста, бевме свртени кон внатре, скромни, фолклорни, патетични, национални мастурбатори. Не успеавме со својата амбиција да ја пробиеме скрамата на искомплексираноста, обратно, секој ден, со секоја збирка песни и романи, ја потврдувавме неполновреноста. Не стигнавме да се запишеме на културната мапа на Европа, останавме надвор од современите комуникациски кодови, нè нема во спортот, во музиката, во филмот, во бизнисот, во кулинарството, сé само некои внатрешни остварувања во затворени кругови, не успеавме да се закачиме на европската тврдина и да бидеме по таа линија безбедни пред налетот на негаторите.
И трето, никогаш не сме имале граѓанска структура со однос кон националните и државни работи. Тоа секогаш било работа на политичката елита. И на историчарите кои не се занимаваат со вистината, туку со нацијата. Со што, всушност, тешко ја хендикепираа за животот во слободниот, но суров свет. Имитацијата на граѓанскоста денеска виси како фејсбуковска репрезентација на Македонците од кои ми е мака. Без граѓанство нема ништо. Рим се распаднал под товарот на загубената граѓанскост.
Верувам дека и се пораширените вакви и слични разбирања во Бугарија, како и притисокот на светската политичка и интелектуална јавност, ќе помогнат да излеземе од овој спор на најдобар можен начин.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.