Премиерот Заев и македонската делегација пристигнаа во Софија каде ќе учествиваат на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.
Како што вели Заев во објавата на ФБ, сега се отвора ново поглавје во развојот на регионот и за остварување на стандардите кои земјите од нашиот Западен Балкан ги ставаат поблиску до членството во ЕУ.
„Пристигнавме во Софија на лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, каде што оваа година домаќини се Република Бугарија и Република Северна Македонија, а самитот ќе го водиме заедно со премиерот Борисов. Отвораме ново поглавје во развојот на регионот и за остварување на стандардите кои земјите од нашиот Западен Балкан ги ставаат поблиску до членството во ЕУ.
Денеска ќе имаме можност да дискутираме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, за визијата за Заедничкиот регионален пазар и за Зелената агенда за Западен Балкан.
И во оваа прилика посебна благодарност упатуваме и до иницијаторот на Берлинскиот процес, канцеларката Меркел и до СР Германија, од кои континуирано добиваме силна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и за регионалната соработка.“, напиша Заев.
Претходно бугарскиот премиер Бојко Борисов на својот Фејсбук профил објави дека добил негативен тест на Ковид-19 и ќе може денеска да се сретне со македонскиот премиер Зоран Заев и заедно да претседаваат со Самитот за Западен Балкан на Берлинскиот процес.
– Негативен сум на Ковид-19. Тоа го покажа вториот последователен тест. Со согласност од здравствените власти можам да се сретнам со премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев и да ја водиме Средбата на врвот на Берлинскиот процес, пишува Борисов на ФБ.
J. Ѓ.