Нема карантин или други дополнителни рестриктивни мерки во Прилеп, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по средбата со градоначалникот Илија Јованоски.
„Со затворени угостителски објекти после 21 часот, забрана на групирање во текот на 24 часа, постепено се олабавува ситуацијата… Затоа заеднички заклучивме дека нема потреба за дополнителна рестрикција, бидејќи не би имала некаков позначаен ефект од тоа што го даваат мерките кои се сега на сила, рече Филипче.
По барање на градоначалникот Јованоски, матичните лекари од градот ќе почнат да волонтираат во болницата за да го покријат отсуството на нивните колеги лекари кои се ковид позитивни и мора да бидат во излоација.
Исто така, Филипче рече дека четири модуларни болници до крајот на годинава ќе добијат Куманово, Струмица, Гевгелија и Струга каде ситуацијата е приоритетна за зголемување на болничките капацитети за лекување на пациентите од Ковид-19, изјави министерот за здравство Венко Филипче денеска во Прилеп каде се проценуваше епидемиолошкјата состојба во градот и е констатирано дека досегашните мерки се доволни за справување со ситуацијата, а болницата одлично функционира.
Според Филипче монтирањето на модуларните болници почнува овој месец, а треба да заврши до крајот на годинава. Приоритет имаат Куманово и Струмица, а потоа и Гевгелија и Струга.
„Монтирањето на модуларните болници почнува во текот на овој месец и ако се одвива планот, до Нова Година веќе треба да има поставено четири модулари болници. Најкритични, во поглед на капацитетот се Куманово и Струмица и таму е даден приоритет“, изјави Филипче.
Државата, како што вели, има повеќе од доволно брзи тестови. Со донациите на располагање се преку 100 илјади.
И.Т.З.