– После седум години откако е инициран проектот за реставрација на славната црква Св. Ѓорѓи во Курбиново, конечно почна и реализацијата, конзервација на архитектурата на црквата, истакна министерката за култура Ирена Стефоска во „Утрински Брифинг“.
Таа потенцира дека кога станува збор за заштитата на културните добра, клучниот проблем е кадровскиот и финансиите. Тоа е нешто што со години претставува проблем, а изминативе децении и нарушениот систем на заштита, рече Стефоска.
Министерката нагласи дека уште од првиот ден со тимот во Министерството за култура. го трасирале патот и паралелно се работи на неколку фронта за да почне процесот на системска заштита на културното наследство за кое што е потребно да работат заедно надлежните институции, нормативниот дел, кадровски и инфраструктурни екипирања и финансии.
„За следната година обезбедивме во Буџетот од околу 105 милиони денари само за заштита, а споредбено со оваа година буџетот бил 70 милиони денари. Во минатите 10 години просекот за заштита на културното наследство од буџетот бил 40 до 60 милиони денари. После 2002 година овој проектиран Буџет за 2021 година за културата, е најголемиот до сега.“, рече министерката за култура Ирена Стефоска.
Ј. Ѓорѓиоски