По инцидентот со влетувањето на „бентлито“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје, не престанаа реакциите на граѓаните дека возачот е казнет да плати 45 евра.
Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, казната е согласно позитивните законски норми, но смета дека законот треба да се смени, за да не се случуваат вакви работи.
Тој вели дека добро е што полицијата веднаш постапила по објавеното видео со автомобилот кој влетува на скопскиот плоштад меѓу луѓе, но според него казната од 45 евра не е доволна.
„Имаме такви неодговорни граѓани кои се однесуваат, најблаго речено, бахато во едни такви услови да се движат по плоштад и тротоари да паркираат кај ќе им текне“, рече Спасовски.
Спасовски вели дека треба да се размислува за измени во законот, со што казните за вакви активности би биле подрастични и би ги одвраќале сторителите.







