На денешната седница на Советот за реформи во правосудството, со која претседаваше министерот за правда Бојан Маричиќ, беше претставен и потврден Интерниот план на Судскиот совет за следење и оценување на работата на судовите, судиите и претседателите на судовите за 2021 година.
Дополнително, како што соопшти Министерството за правда, беа потврдени и двете веќе усвоени методологии, од кои едната за оценување на работата на судија врз основа на исполнетост на квалитативните критериуми за судиско работење, а другата за квалитативно оценување на претседателите на судовите.
– Овие документи ќе бидат своевиден патоказ за тоа на кој начин следната година ќе се направи проверка на работата на судството, стои во соопштението.
На Советот биле одобрени и идните активности за оценување на работата на јавните обвинители, преку утврдените критериуми содржани во Правилникот за оценување на работата на јавните обвинители, донесен од Јавниот обвинител на Северна Македонија.