Еден не толку афирмиран закон што се предлага и веќе е во собраниска процедура, за повторување на местени судски процеси, може да биде еден од методите преку кој ќе се филтрираат судството, обвинителството и структури во МВР. Со секој таков отворен случај, ќе има еден судија или обвинител помалку, па уште недонесен, Предлог-законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка практично се смета за селекција на судиите, која ќе ја прават самите судии, пишува за „Сакам да кажам.мк”
Предлог-законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка го поднесоа пратениците Павле Трајанов од Демократски сојуз и Маја Морачанин и Мирослав Богдановски од ДОМ и тој начелно им овозможува на правосилно осудени (живи и починати) лица, кои ќе докажат со факти дека биле жртви на монтиран политички процес во периодот од 2007 до 2017 година, да добијат можност за повторување на постапката.
Барањето ќе биде бесплатно, судот ќе мора да одговори за 60 дена. Ако судот на едно лице му го прифати барањето за повторување на постапката, се укинува пресудата против него, му се враќа конфискуваниот имот ако имало такво нешто и судењето почнува одново. Роднини може да поднесат барање за неправедно осуден починат член од нивното семејство.