Анализата на ИДУЕП покажува раст во онлајн комуникацијата со граѓаните и кај Владата. Сите членови на кабинетот, односно 20 министри биле активни на Фејсбук во 2020 година. Од вкупниот број на министри на Твитер биле активни 15, а на Инстаграм 14 министри. Половината од вкупниот број членови на владиниот кабинет, односно десет министри биле истовремено активни на сите наведени платформи. Во 2019 година, 24 од 26 министри користеле Фејсбук, додека десет биле активни на Твитер, а 11 на Инстаграм, девет членови на Владиниот кабинет биле истовремено активни на Фејсбук, Инстаграм и Твитер.
Втора година по ред, оваа Анализа го опфаќа онлајн присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални веб страни во 2020 година имале сите 17 институции, додека 16 биле активни на Фејсбук, шест на Твитер, а пет присутни на Инстаграм. Само Владата, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии и Министерството за здравство се истовремено присутни со веб платформа, како и со свои акаунти на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.
Едно министерство не нуди можност да биде контактирано од граѓаните преку социјалните медиуми, што претставува напредок споредено со 2019 година кога таква можност не обезбедувале дури пет министерства.