Република Северна Македонија е нашето официјално име. Во Собрание секогаш кажував Република Северна Македонија, и ние не можеме да се лажеме дека не сме Република Северна Македонија, тоа е исто како да кажеме сега надвор не е облачно, a тоа е факт. Избегнувањето на користењето на терминот нема да не направи повеќе Македонци, рече Даниела Рангелова.
Ред бојкотирање, па ред губење избори, па пак бојкотирање не носи успех за една политичка партија. И не е здраво за власта. Со толку слаба опозиција нема добро владеење.“, рече поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.
Разговорите со соседна Бугарија ќе продолжат, тие се наши соседи и мораме преку европска достоинствена политика и дијалог да бараме решение за недоразбирањата. Разговорите ќе продолжат со оваа и која било друга идна бугарска влада, вели министерот за правда Бојан Маричиќ. Нашата земја направи сè што беше побарано како услов за почеток на преговорите. Многу пати и премиерот Заев кажа дека ние немаме алтернатива на членството во ЕУ, но и дека тоа не може да биде на сметка на нашиот македонски идентитет или македонски јазик, истакнa Маричиќ.
Филтрацијата на судството и обвинителството е врвен приоритет за Министерството за правда и Владата во целина. Очекуваме ова да биде голем чекор кон конечното враќање на довербата, која граѓаните ја имаа изгубено во правната држава. Ќе се проверува кој, како и кога постапувал или не постапувал по предмети, пред сè за висока корупција и организиран криминал, вели министерот за правда Бојан Маричиќ.
Државата презема сè што е во нејзина моќ да добие екстрадиција на Никола Груевски назад во земјата. Од екстрадицијата не се откажуваме и ќе продолжиме активно да работиме со цел враќање на Груевски дома, вели министерот за правда Бојан Маричиќ.
До крајот на март ќе бидат опремени 10 судници во пет основни суда во земјата за одржување онлајн судења. Мора да ги користиме придобивките на модерната технологија доколку сакаме да сме во тек со современите текови. Веќе знаете дека судот во Кавадарци одржа онлајн рочиште, а тоа треба да ни биде и мотив дека тоа е можно и во Северна Македонија, вели Маричиќ.
Kога се чинеше дека по приемот во НАТО, годинава Северна Македонија ќе ги почне и преговoрите за членство во ЕУ, „на сцената стапи“ Бугарија која ја блокираше одлуката на Советот на Унијата за одржување на првата меѓувладина конференција со земјава, што официјaлно требаше да го означи стартот на преговарачкиот процес. Софија ваквата своја одлука одбива да ја нарече „вето“, тврдејќи дека е за почеток на преговорите со земјава, но дека, како што образложи шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, „во моментов Бугарија не може да одобри нивно отпочнување“ затоа што земјава наводно не го почитува Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, склучен меѓу двете држави во 2017 година.
Деновиве постепено се намалува бројот на новозаразени со Ковид-19, иако бројот на направени тестирања е помал во однос на претходните денови. Завчера од 378 тестирања беа регистрирани 46 нови случаи, а вчера од 1.525 тестови – 237 новозаболени. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, бројот на оздравени пациенти е речиси двојно поголем од оној на новозаболени. Во моментов во земјава се регистрираат 18.565 активни случаи. Преку Ковакс механизмот се набавени 833 илјади вакцини за популација од околу 400 илјади граѓани за вакцина и ревакцинација. Нашата земја аплицирала за дополнителни 800 илјади дози преку Европската Унија која е во постапка за набавка на 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата.
Градењето на силни државни институции е возможно само доколку со нив раководат искусни, професионални и квалитетни лица, порача денеска преку соопштение Институтот за демократија.