Од 37-мата седница на Владата: Дадена согласност за преземање обврски за обезбедување вакцини за континуирана имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации за наредните три години; Усвоени Предлог-законот за буџети, Предлог-законот за акцизи; Програми за работа на Министерството за образование и наука, како и Програми за развој на детската и социјална заштита за 2021 година.
Владата денеска на седница го утврди текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за социјалната заштита, со кој се предвидува овозможување на услугата лична асистенција да ја користат и деца од шестгодишна возраст со намален функционален капацитет со цел да се овозможи индивидуална помош и поддршка и на децата за вршење на секојдневни активности, информира владината прес-служба.
Согласно член 4 став (1) од Законот за преземање на административни службеници вработени преку K5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вкупно 1.357 административни службеници ќе бидат распределени во вкупно 258 институции на локална самоуправа и други државни органи основани во согласност со Уставот и законот, се наведува во соопштението.
Министерот Филипче информираше дека значително е намален притисокот на болниците и дека капацитетите за сместување на ковид болните лица се полупразни и беше констатирано дека мерките кои беа донесени од Владата во последниот период, а кои се однесуваат на намалување на ширењето на коронавирусот донеле резултати.
Во соопштението од владината прес-служба стои дека со оглед на тоа што постојниот Закон за буџети е од 2005 година, со новиот Предлог-закон се предвидени неколку дополнителни измени и допрецизирања и со него се уредени постапките за изготвување, донесување и извршување на Буџетот на Република Северна Македонија и буџетите на единиците на локалната самоуправа и Град Скопје, како и известување за извршување на буџетот.