Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со новоназначениот амбасадор на Јапонија, Хиронори Савада. Ова беше прва средба на министерот со новиот амбасадор, соопшти Министерството за здравство.
На средбата, како што се посочува, се разговараше за актуелната ситуација со пандемијата со Ковид-19 во државава и во Јапонија, за долгогодишната успешна соработка меѓу двете држави, како и за потпишувањето на договорот меѓу Амбасадата на Јапонија и Универзитетска Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби на 4 февруари.
Донацијата од 65 801 евра за машина за рециклирање на медицински отпад е во рамките на „Грант програмата за мали проекти и човекова безбедност (GGP)“. Програмата за мали проекти кај нас е активна од 1996 година и секоја година овозможува помош за јавни здравствени институции, основни училишта, градинки и општини. Фокусот годинава ќе биде единствено на јавните здравствени установи. Министерот се заблагодари на амбасадорот за грантот што Јапонија го додели на Република Северна Македонија како помош за справување со пандемијата со Ковид-19 во износ од милион јапонски јени за набавка на медицинска опрема, стои во соопштението.