ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Сараевски атентат во Софија

February 21, 2021 14:34
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ПОЛИТИКА, ФРОНТ
Share on FacebookShare on Twitter

пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ 

Ја читам Захариева, па ќе скокнам на некое порталче да видам што рекол Каракачанов. И пред очите ми се создава слика за Македонецот како мало балканско чудовиште кое најмногу сака да јаде Бугари. Понекогаш ги јаде лешо, понекогаш ги пече на скара или во рерна, но најмногу сака да ги јаде живи. Возрасен Македонец, некој како мене, на 69 години, не може да добие дозвола да умре, ако во текот на својот живот нема изедено сто тони бугаретина. Браќа и сестри што не ги допрела југословенската рака на однародувањето, односно примероци кои останале од другата, вистинската страна, на политичката еволуција.

Какви грозни фамилијарни канибали се Македонците?

Драга Савета, па јесу ли ти бугарождери нормални?

Ако се одлепиме од овие поетски импресии и преминеме на теренот на политичките интерпретации, ќе мораме да се соочиме со неверојатните откритија до кои во последните три-четири месеци дојдоа Екатерина Џоли и Харисон Каракачанов, бугарските трагачи по Светиот грал на македонската национална лажност и реалната антибугарност: Македонија е земја во која се врши прогон на Бугарите, има неподнослив говор на омраза кон Бугарија и Бугарите, во која Бугарија односно антибугаризмот се теми на кои се добиваат изборите, држава и нација на помакедончени Бугари кои зборуваат на западен дијалект на бугарскиот јазик кој го викаат македонски, коминтерновски гоблен извезен од српските конци на хрватскиот злосторнички гобленист, Тито.

Можеби нешто пропуштив да забележам?

Ах, да, држава со најнеусогласена надворешна политика со таа на Европската унија, политички, правно, културно, морално, реформски итн. Папуа во срцето на Европа, најзаостанато парче на континентот и пошироко, освен во корупцијата, се разбира, многу зад Србија и зад Албанија, која заслужува да биде одврзана од пакетот со малото чудовиште и самостојно да си го врви патот кон Брисел.

Ние, како чуда на Чудовиштето, исто така не гледаме зошто Албанија би била роб на општата македонска заостанатост, односно, ако биде одлепена од нас, нема да се буниме или да тагуваме, туку ќе и посакаме се најдобро, во торбичето ќе и пикнеме малку пастрма и црн леб за по пат и ќе и мавнеме со црвеното титоистичко марамче на младоста, за поздрав и добри пожелованија.

И, на крајот, Европа се информира дека овие човеколики ѕверови одбиваат секакви лекови, вакцини и други третмани кои, можеби, можат да ги упристојат, да ги припитомат. На тој начин тие се прогласуваат не само за виновни за својот статус на крајната заостанатост, туку и за неуспехот на соседите да ги излечат и вратат во статусот пред да ги нападне и деформира вирусот на националната посебност.

Ете, драги пријатели, си ги миете ли вие забите, се туширате ли, уште ли жените ви ја собираат менструацијата во пуцвал, како е можно вашето егзотично племе да биде откриено дури деновиве, кај се криевте, мајку вам божју (Тито)?

Како е можно некој во мене, односно во нас да гледа вакви створови!?

Ние, се разбира, не сме совршени, хахаха, далеку од тоа, но бугарското видување е страшен обид македонската стварност да се подреди на нивната интерпретација, пострашен, да речеме, од обидот на македонската хистерија мене како поединец, да ме прогласи за антисемит и да преземе експедициони мерки против мојата маленкост и против мојот антисемитизам, натурлих.

Отсекогаш сум тврдел дека конфликт каков што е овој меѓу Софија и Скопје, не може да се реши ако Македонија не сфати дека позицијата на Бугарија за самата Бугарија не е агресивна како што ја гледаме ние во Македонија, туку е ослободителна, патриотска, националистичка, одговорна, на моменти карикатурална и смешна на моменти опасно искривена, но сеедно, бугарска, но и ако Бугарија не се обиде да ја открие вистината за Македонија која не е антибугарска, не е агресивна, не е загрозувачка во однос на Бугарија, никој тука не страда затоа што е Бугарин, Бугарите се нормален дел од општеството.

Се разбира, ако двете страни се раководат од идејата за добрите односи.

Што не е сигурно, затоа што Софија ја третира другата страна како техничка испостава од која бара да го врати единството на субјектот, односно од аспект на Софија не се во прашање нарушените односи, туку нарушеното единство на Бугарија и на бугарскиот национален и територијален корпус. Декларациите дека тие тоа не го бараат се празно алиби пред инсистирањето да се испразни комплетната историска, културна, јазична и секаква друга супстанца на Македонија, надвор од бугарската кауза.

Бугарија стравува дека сите нејзини аспирации во оваа смисла ќе завршат со македонското членство во Европската унија и затоа го одбра овој најпримитивен и најопасен начин за кочење на Македонија, со надеж дека тој притисок ќе даде резултати во слабеење на македонскиот субјективитет, со можни дезинтеграциски процеси, што ќе рече дека на некое ниво се разгледувани и шансите на Бугарија во услови на комплетна дисолуција на младата држава. Ако пак тоа не е правено, тоа е само поради инфантилноста на тековната политика. И во едниот и во другиот случај Софија се има нагрбено со огромни одговорности. Мислам дека идејата за одлепување на Албанија од пакетот има односно тие мислат дека има, таков дезинтегрирачки потенцијал. Потиснувањето на историските теми, за сметка на актуелните прашања, ја има истата цел. Историските теми се покажаа како извор на можна хомогенизација на општеството и нацијата додека прикаските за најзаостанатата држава во Европа можат да бидат убави боринки за потпалување на внатрешните конфликти и за слабеење на државата. Вмро-дпмне е добар подизведувач на работите.

Со други зборови, сцената е поставена како за нова Брегалница или за ново Сараево: Македонија е новиот Франц Фердинанд, не престолонаследникот, туку кандидатот за членство во Европската унија, кој треба да биде убиен.

Па што биде нека биде.

Деконструкцијата на појавноста не води до овие заклучоци. Тие мора да се имаат предвид ако некој и од оваа и од таа страна на границата, а и во Брисел и во Берлин и во Париз и во Вашингтон, мисли да води сериозна политика и сериозно да се занимава со ова прашање.

Сега скоро читав една рецензија на мемоарите на Кристијан Шварц Шилинг, германски политичар и некогашен висок претставник на ООН за БиХ,  „Проиграниот мир во Босна-како Европа закажа на Балканот“, е насловот на книгата. Во рецензијата се нагласува оценката на Шилинг дека „со оглед на војната во Босна го смета за недоволно упатен, недоволно одговорен, недоволно, емпатичен и понекогаш циничен, односот на тогашната германска влада на Хелмут Кол пред која тој рекол дека се срами што седи во кабинет кој одбива да преземе нешто.“

Ние не сме Босна, за среќа, тука не е војна, но јас не се сомневам дека по триесет години во Софија ќе излезат мемоарите на некој бугарски Шилинг во кои тој ќе соопштува како се срамел што седел во влада која е одговорна за траумите на Македонија и за жртвите што циничната политика на официјална Софија ги предизвикала.

Претставите за Македонија што ги создаваат Захариева и Каракачанов се разбира, се лажни. Но, за нив не се или не се сосема лажни затоа што се произлезени од културниот формат што во Бугарија е формиран за Македонија веднаш по нејзиното конституирање. Во шокот од губитокот на Македонија тие, освен во краткиот димитровски период, ја гледаа во новиот државен и национален субјект, сопствената национална несреќа. Во културната матрица на просечниот Бугарин и особено на бугарската елита, тој шок не само што трае и денеска туку е и единствен критериум и ориентир. Тоа што Бугарија прва ја призна Македонија и потоа во многу ситуации беше пријателски настроена, беа опции на одлепувањето од Југославија и дезјугословенизирањето на државата и нацијата, како етапа да се стигне до сегашната шанса да се заковаат последните шајки во македонскиот сандак.

Наспроти тоа, јас им ја нудам на Захариева и на Каракачанов следнава приказна:

Бугарија отсекогаш била надвор од фокусот на Македонецот. Таква е и денеска. Не мислам дека е тоа добро. Но, не е лошо толку колку што тие мислат дека е кога дефокусот го мешаат со омразата. Вниманието секогаш е покажувано само како реактивна категорија, на некаква  провокација и слично. Бугарија е фактор на различноста во конституцијата на македонската нација и казан од кој се земени низа личности настани и процеси како аспекти на историската легитимација на новата нација. Околу што треба да се разговара со спремност на македонската страна за многу сериозни отстапки, колку и да и изгледаат бесмислени. Но, омраза во вистинска смисла на зборот, ниту во говорот, ниту во чувствата, немало. Генерално, кај поединци, особено кај членови на фамилиите кои загубиле блиски за време на бугарското присуство во текот на Втората светска војна, во делови на фолклорот- да. На некои спортски натпревари. Во една прилика умрев од срам кога на еден кошаркарски натпревар цела сала ечеше Бугари-Татари. Поважно и поизразено беше едно друго чувство: чувството на супериорност кое Македонците го градеа во богатството на југословенскиот контекст и во сиромаштвото на бугарскиот варшавски контекст. Ние се чувствуваме западњаци, тие за нас беа балканци. Но омраза- не. Дури и сега после оваа блокада не гледам некои трајни сентименти кои биле затскриени па излегле на површина. Обратно, луѓето одат да студираат во Бугарија, да летуваат, да скијаат, да отвораат бизниси во Бугарија, да земаат бугарски пасоши, никој никогаш немал проблеми, не се сеќавам на ниту еден инцидент во Софија или во Скопје, на национална основа. Прашањето на македонското малцинство особено одредени радикални настроенија и поединци ги оптоваруваше односите, но мислам дека тоа прашање е симнато од дневен ред како реален проблем.

Тоа е сликата која има амбиции да биде објективна.

Македонскиот проблем се бугарските цигли од кои се изградени делови од темелите на македонската куќа. Со истовремено инсистирање на различноста како дефинирачки елемент. Што е голем, тешко сфатлив и сварлив апсурд. Тоа  што ние го учиме како револуционерна борба за слобода е бугарска кауза со бугарски луѓе, организации, структури, пари и институции. Збрката произлегува од тоа што нивните ознаки за територијалноста ние без исклучок ги земаме како ознаки за националноста. Од вмро до Гоце, од Илинденското востание до бугарското присуство, односно окупацијата, според нас. Тоа мораме да го ревидираме. Но никаков историски или политички ВАР нема да може да ги поништи головите што сме ги давале сиве овие години. А ги даваме и денеска. Мислам дека и на Софија ќе ѝ начукаме неколку комада во оваа утакмица. Нема љутиш оти и ние ќе попиеме не малку голчиња. Ниту мислам дека Европа и САД ќе си дозволат да не го видат ризикот во кој ги вовлекува Софија. И можната македонска непопустливост. Македонија, мора да се чува од хистерија како субверзија и да и се приклони на перверзијата како конститутивен чин на уривањето на некои норми кои се покажале како лажни и опасни за нас. Не можеме светот да го подредиме на нашата реалност, туку мораме себе си да се подредиме на светската реалност, на реалноста на светот, таков каков што е.

 


Илустрација: The Public Is Tiring Of Unfair Attacks, drawing by Frank Cotham, Fine Art America


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

„Киберпанк: Надежта е револуција“ – Настан што симулира опстанок во дистопија, инспириран од суровата реалност

May 9, 2025

Бензински пумпи во Солун и Атина инсталирале софтвер со кој се точела помала количина на гориво

May 9, 2025

В недела посебен режим на сообраќај во Скопје

May 9, 2025

НАЈЧИТАНО

  • (ФОТО) Скопјанката Чарна Невзати македонска претставничка на престижниот „Мис на свет”

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ЕУ останува сон за Македонија, смелите одлуки „пекол“ за политичката елита!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Спротивставувајќи се на Трамповата Америка

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Почина лицето на кое беше пукано во Штип, убиецот е уапсен

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Честит Ден на победата во Европа, 8 Мај и Честит Ден на Европа, 9 Мај

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk