– Отворањето на „Европска куќа“ во Струмица е уште едно успешно поглавје и попатна станица до вистинската цел – членството на Северна Македонија во Европската Унија, на Фејсбук објави премиерот Заев.
Тој нагласува дека овој нов и модерно организиран простор за младите од Струмица, ќе биде место за средби, дискусии, информирање и учење. Место за организирање настани, за гледање филмови, и за различни други културни забавни активности.
„Оваа „Европска куќа“ е ЕВРОПСКИ ДОМ за младите струмичани. Младите како вистински препознавачи на европските вредности го заслужуваат своето место во ЕВРОПСКОТО СЕМЕЈСТВО, заедно со сите свои врсници од земјава и со врсниците од Европа.“, наведува во објавата Заев.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир оваа седмица отвори два нови центри Европска куќа – прво во Крива Паланка, а потоа и во Струмица.
Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во земјава, на двете отворања присуствуваа градоначалниците од двете општини, Борјанчо Мицевски и Коста Јаневски, претседателот Стево Пендаровски присуствуваше на отворањето на Европската куќа во Крива Паланка, додека, пак, премиерот Зоран Заев се приклучи на отворањето во Струмица.
Оттаму посочуваат дека приближно една година по отворањето на Европската куќа во Скопје, Делегацијата на ЕУ ги прошири просторите за новата генерација со, сега засега, два сосема нови центри, во Крива Паланка и во Струмица, што ќе им служат на младите луѓе од овие региони.
Ј. Ѓ.