Големиот хуманист, активист и еден од хероите на оваа корона-криза, здравствениот работник Денис Јанкуловски, кој посети илјадници домови при земањето на брисеви и од почетокот на пандемијата секој ден со песна ги разубавува утрата на илјадниците фејсбук фанови, денес ја примил првата доза од Фајзер вакцината против Ковид-19.
„Денес ја примив првата доза на вакцината Фајзер во Вакциналниот пункт кај Инфективната клиника. Се чувствувам одлично, верувам дека и така и ќе остане. Oна што ми кажаа докторите е за евентуални нус појави од типот на благо зголемена температура, можеби мал оток, но сето тоа е речиси исто како и кај вакцините за грип.“, изјави за ФРОНТЛАЈН Денис Јанкуловски.
Космонаутко, кој си го доби прекарот од неговите најмлади фанови, вели дека со нетрпение чекал да се вакцинира бидејќи сега е дополнително посигурен во сигурноста и безбедноста на своите најблиски, на семејството и сите оние кај кои секојдневно оди да зема брисеви.
„Искрено со нетрпение чекав да бидам вакциниран бидејќи освен со мојот правилен начин на заштита при земањето на брисеви, сега сум дополнително посигурен во сигурноста и безбедноста на моите најблиски, првенствено семејството, а потоа и сите оние кај кои секојдневно одам да земам брисеви. Вакцинацијата е и за нив затоа што тие очекуваат јас да бидам здрав кога одам кај нив. Затоа се решив на овој чекор бидејќи сметам дека имам одговорност кон сите нив. Секако дека ова е многу важно и за мене, сепак сум пред прагот на втортата половина од животот.“, вели Јанкуловски.
Втората доза од вакцината со нетрпение очекува да ја прими на закажаниот термин во март.
„Следената доза од вакцината е закажано да ја примам на 18 март и со нетрпение ја чекам. Апелирам секој што може, да се вакцинира. Знам дека најубаво би било да имаме природен имунитет, но за жал начинот на живот дојде вакцините да станат нужност, колку и да не сакаме. И она што особено апелирам до властите, е да ги изнајдат сите можни начини за што побрзо да почне вакцинацијата за да може секој кому му треба и кој сака да биде вакциниран.“ изјави Јанкуловски за Фронтлајн.
Ј. Ѓорѓиоски