ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Владата веднаш да си поднесе оставка!

February 25, 2021 08:23
in ДЕНЕС, ПОЛИТИКА, ФРОНТ
Share on FacebookShare on Twitter

пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА 

Општата смејурија за начинот на кој долгогодишниот голем бос на македонското криминално и политичко надземје реши да стави точка на својата јавна кариера дури и пред да ја дочека судската пресуда за сопственото учество во (за почеток) најголемата криминално-политичка афера во демократска Македонија, говори за тоа дека Македонија е на добар пат да раскрсти со деценијата во која стравот да се има сопствено мислење беше поголем од потребата за дишење. Доказ за тоа е и фактот што во исмевањето на Мијалков предничат оние кои со години, со својата извршителност на разни нивоа во неговиот режим, овозможија тој режим да владее барем неколку години подолго од истекот на крајниот датум на бест-бифор-етикетата.

Сега е дури и тешко да најдете поостри зборови со кои ќе ги квалификувате постапките на „началникот“ од оние што ги употребуваат неговите кохорти од долгогодишни извршни и пропагандни ордонанси, лакеи, потрчковци и фасилитатори по истите медиуми, портали и фејсбук страни што тој им ги формираше и финансираше за секојдневно да ги растргнуваат политичките неистомисленици и опоненти. Е-хеееј, не може на ред да се стигне пред „Курир“, Алфа ТВ и разни инфомакси за да се каже нешто попаметно од поплавата осуди за ликот и делото на нивниот некогашен до-врвен шеф!

Дури и комичниот начин на кој „нагло оздравениот“ Мијалков „се предаде“ на органите на правосудството, во присуство на една (1) камера, е веројатно најдобрата варијанта од секоја друга можност за тоа: замислете, не дај Боже, по некоја случајност (во неговиот случај, тоа навистина можеше да биде само голема случајност!), да загинеше во престрелка со полицијата или да се дигнеше во воздух за жив да не падне во рацете на правдата; или, пак, сега да седеше на некоја сончева европска променада, мирно потсркнувајќи квалитетно италијанско еспресо… Ќе продолжеа да се шират урбаните митови за неговото херојство и мангуплак, со една подигната веѓа, со која ја надиграл власта, и тоа од истите овие кои денеска му се потсмеваат.

А, резимето за власта, заплеткана во повеќегодишниот „политички театар“ за справувањето со наследството на груевизмот, е следно: СИТЕ најважни соработници на Груевски се или во затвор или на судските клупи на кои ги даваат/слушаат доказите и завршните зборови за злоделата за кои се обвинети, чекајќи ги пресудите за своите постапки; се разбира, од аспект на правдата – покрај оние двајца несреќници во Солун – недостасува Груевски во Идризово, иако од аспект на политиката, тој веќе (речиси) никому не му недостасува. Општествено-политички е мртов „ко покојни деда Пантелије“.

Тоа е, с’опроштење, „големата слика“.

Сега нешто и за бројните „мали слики“…

„Умјетнички(от) дојам“ – што би рекла Милка Бабовиќ – за начинот на кој Заев го постигна тој резултат е далеку од максималната оценка 10. Ама, денешните салонски и академски критичари од сите стручни насоки забораваат дека кога, со приближно никакво изборно мнозинство, му ја туривме лопатата в раце за да ги исчисти македонските државни „Авгиеви штали“, не ни очекувавме дека тоа ќе биде можно со правење бравурозни пируети во светкави трикоа со „шљокици“, додека елегантно би лизгал и би правел (правно-политички) пируети за воздишки, на звуците од „На убавиот син Дунав“…

Напротив, му посакавме среќа – и го клоцнавме во задникот за да се дави во натрупаните општествени лепешки!

Тој, пак, како што го дал „струмичкиот“ Господ, плива и со раце и со нозе, прска на сите страни, не знаеш дали тоне или мисли да ја пресуши барата самиот голтајќи ја застоената вода… Голем дел од јавноста е просто зачудена, а и лута, што е воопшто жив! Што сè уште не е жртва на сопствената упорност и тврдоглавост да не се предаде пред домашните и меѓународни предизвици државава да ја извади од полскиот нужник во кој ја презема. Да, да, нè фаќа повремен „срамотизам“ и од тоа што го говори и од тоа како го прави. Секој од нас, сигурно, би бил многу подобар на негово место.

Добро е тоа, демократијата така функционира: секој политичар треба да биде цел на најскрупулозни анализи и критики, за тоа се боревме. Во демократијата нема гаранции дека со еднаш стекната слава, така ќе заминете и во политичка пензија. Напротив, просечноста е многу подобра препорака за мирна политичка старост.

Сепак, ако е можно, убаво е да не ја забораваме неважната фактичка дребулија дека Мијалков е обезбеден за понатамошното соочување со правдата – вистинското прашање е дали некогаш ќе заврши правосилно во затвор, а не помалку и дали нешто, некогаш ќе му биде конфискувано; ама за тоа, потоа. Штедете критичка муниција, ќе треба за тоа „потоа“.

Ова го велам и како некој кој – долги години – има, буквално, преживеано (заедно со семејството) безброј лични жестоки закани, најдолни дискредитации и морални и материјални штети токму оркестрирани од Груевски и Мијалков, како никој (се извинувам) од 99 отсто од вас кои ја читате оваа колумна. (Минус Мицкоски и соработниците, кои исто многу се пропатија за време на режимот на братучедите.)

Лесно е да се биде генерал по битка, ама па и не личи за такви да се продаваат и промовираат обични десетари и водници, кои до вчера се шепуреа со медалите на униформите од губитничката страна.

Ајде, сега, да продолжиме со убавата демократска дебата: од кого да бараме оставка што Мијалков, „доброволно“, заврши во притвор? Мислам дека е најдобро од целата Влада!

Само што не престанувам да се нервирам од 2014 година наваму што сите повремени, редовни најави за дефинитивната политичка смрт на Заев се покажаа за нијанса преуранети. Мора, сега, да му е мајката!


Текстот е личен став на Авторот.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Каранфилова – Пановска: Пораките на Кошта се јасни, одговорност на власта е да го деблокира европскиот пат

May 15, 2025

Дојава за бомба во салата „Јане Сандански”

May 15, 2025
Зеленски во Турција. Фото: Скриншот

Преговори Украина – Русија утре во Истанбул, Зеленски ја напушти Турција

May 15, 2025

НАЈЧИТАНО

  • (ВИДЕО) Познати 10 финалисти од првата полуфинална вечер на Евросонг

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ФОТО) Скопјанката Чарна Невзати македонска претставничка на престижниот „Мис на свет”

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Величковски: Среде Скопје Кошта ги торпедираше замајувањата на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ за „план Б” и „креативни решенија”

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Кога дете по 10 години ќе нè праша – Оти не сме во ЕУ?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ТХП: ВМРО-ДПМНЕ ги обвинуваше другите за „дуизација“ на институциите, дали сега процесот на „вленизација“ е во тек

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk