Седум полицајци се повредени за време на денешниот протест по пресудите за случајот „Монструм“. Демонстрантите, кои тргнаа од парк Чаир преку Кривичниот суд до Влада, се судија со полицијата кај Бит пазар, фрлаа камења, при што седум полициски службеници се повредени, објави државната агенција МИА. Нападната беше екипа на МИА и на дневниот весник „Слободен печат“.
Протестот почна од Чаир но кај ТЦ Мавровка полициски кордон ги запре демонстрантите и не им дозволи да поминат кај судовите. Тука дојде и до нападот врз полицијата, која употреби и шок бомби да ја растури насилната толпа.
Пресудата за повтореното судење за „Монструм“ за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро од 2012 година беше изречена на 23 февруари во Основниот кривичен суд. Доживотни казни затвор добија обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, 15 години затвор доби обвинетиот Фејзи Азири и девет години затвор доби обвинетиот Хаки Азири. Ослободен од обвинението беше Сами Лута. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се избегани во Косово.