Има ли нешто поодвратно во време на пандемија, од која секојдневно умираат десетици луѓе само кај нас, а илјадници низ светот, организирано да се клевети човек дека е ширач на заразата?!, пишува на Фејсбук, Филип Стојановски, во врска со лажната вест објавена на порталот Антропол дека Џабир Дерала е позитивен на Ковид-19.
Стојановски се прашува, во какво грозно време ни се паднало да живееме и со какви ликови околу нас.
„Како ли им е само на луѓето кои ги изгубиле најмилите од ковид-19 во средина каде медиуми како партискиот сајт Антропол се обидуваат да ја изманипулираат нивната болка во омраза и да поттикнат насилство?!“, реагира Стојановски.
Вчера порталот пласираше лажна вест со наслов „Цивил шират кампања за попис додека Дерала е позитивен од ковид-19“ на која се надоврзаа објави и во неколу фејсбук групи каде покрај дезинформацијата се користеше експлицитен говор на омраза кон Џабир Дерала.
На оваа дезинформација, реагираше Дерала со демант:
„Од почетокот на ковид кризата бев четири пати во изолација, а се тестирав точно пет пати. За голема жал на пропагандистите, можам да соопштам дека НА СИТЕ ТЕСТОВИ СУМ НЕГАТИВЕН .
Антитела: НУЛА, што значи дека не сум го ни прележал ковидот.
А вистина е дека се сретнав со повеќе од 2.000 луѓе за една година, посетив преку 40 населени места, учествував на огромен број настани. Цело време, здрав како дрен .
Како заклучија пропагандистите дека сум бил позитивен, навистина не знам. Мојот твит утринава се однесуваше на „брзината“ на поштата, а не на мојата здравствена состојба – фала на прашање, добар сум .
Неписмени се или само бескрајно злобни? Или и двете?“, објави Џабир Дерала на својот Фејсбук профил.
Ј. Ѓ.