Светските лидери повикаа на склучување нов договор што ќе му помогне на светот да се подготви за идна пандемија и предупредија на растечки национализам за вакцинација.
Повеќе од 20 лидери, вклучувајќи ги Емануел Макрон, Борис Џонсон и Ангела Меркел, напишаа отворено писмо објавено во неколку светски медиуми во кое предупредуваат дека не станува збор дали, туку кога ќе не погоди нова здравствена криза, и повикаа земјите да избегнуваат изолационализам и национализам.
„Ќе има и други пандемии и други здравствени кризи. Ниту една влада или мултилатерална агенција не може да се справи сама со тоа. Прашањето не е дали, туку кога„, наведуваат тие.
Како што јавуваат странските агенции, предупредувањето уследи откако земјите и трговските блокови покажаа грдо лице грабајќи се за вакцини и залихи. Европската унија и Велика Британија се во жесток клинч околу испорака на вакцината „АстраЗенека“, додека многу членки на ЕУ се фрустрирани од бавната вакцинација во Унијата.
Сепак, потписниците на писмото, вклучително и шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Адана Гебрејесус, ветија дека тие се залагаат вакцините, лековите и медицинските помагала да бидат безбедни и достапни за секого за оваа и за идните пандемии.
„Ние веруваме дека нациите треба да работат заедно на новиот меѓународен договор за подготвеност и одговор на пандемијата“, додаваат тие.
Повеќе од 2,7 милиони луѓе ширум светот починаа од коронавирус, а повеќе од 127 милиони беа заразени.
извор: МИА