Ланска вест од Светската здравствена организација е пренесена вчера на македонскиoт портал Аналитикум.мк, која предизвикува забуна, манипулира и дезинформира дека здравите луѓе не треба да носат маски.
Така пласирана ланска вест, денеска е лажна вест.
Од она што може да се види од текстот на порталот манипулацијата е свесно направена со оглед на тоа дека има и линк до ланската веста која е пренесена од Си-Ен-Ен, а никаде во текстот не е нагласено дека се работи за вест од 2020 година. Веста на Си-Ен-Ен е со датум од 31 март минатата година. Со оглед на тоа што сознанијата на СЗО и епидемиолозите од светот во почетокот на пандемијата немаа доволно информации за причините и последиците од коронавирусот, тогаш (пред една година) насоките биле дека здравите луѓе на треба да носат маски.
Денес препораките од СЗО после сознанијата добиени од следење на пандемијата во текот на една година се сосема спротивни и се инсистира дека сите треба да носат маски за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Пренесената стара вест во денешниот контекст дезинформира, ствара заблуда и е многу опасна по здравјето и животот на луѓето.
Иронијата да е уште поголема веста е пласирана на порталот Аналитикум.мк, кој има поднаслов „Ехо на вистината“. Текстот е споделен и на нивната Фејсбук страница и во моментот на пишувањето на овој пост има 41 споделувања.
Ј. Ѓорѓиоски