Веселата математика на Христијан Мицкоски, која тој си ја нарекува инженериска прецизност, го позиционира лидерот на ВМРО ДПМНЕ во едната половина на опозицијата, другата половина припаѓа на другите опозициски партии. Имено, Мицкоски им се обрати на граѓаните преку Фејсбук за да се пожали дека Заев не му посветил воопшто време во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5.
Математичката прецизност на Мицкоски пресметала дека во цело интервју, премиерот само 10 отсто од времето го посветил на опозицијата, а нему, како лидер на ВМРО ДПМНЕ само 5 проценти. Ако се има предвид времетрањето на интервјуто, а петте отсто се претворат во минути, тогаш Заев за Мицкоски потрошил само пет минути.
Значи, од една страна Мицкоски признава дека Заев не го рецка и не му посветува време во телевизиските интервјуа, а од друга Мицкоски својата вредност како лидер и како ВМРО ДПМНЕ ја проценува на 50 отсто од вредноста на целата опозиција, оти Заев за неа зборувам цели 10 минути.
И се ќе беше во ред Мицкоски да реагира, ама во хумористичен стил, да се позеза со тоа што Заев не го спомнувал во интервјуто, но, за сериозна објава на неговиот профил, Мицкоски треба да знае или некој да му каже, гостинот ќе зборува за опозицијата онолку колку што ќе го праша домаќинот.
Д. Е.







