Премиерот Зоран Заев со порака за важноста на физичката активност за доброто ментално и физичко здравје и за благосостојба: #BeActive #StayActive, објавена на неговиот профил на Фејсбук профил, се приклучи на одбележувањето на 6 април – Меѓународниот ден на спортот за развој и мир, кој е прогласен од Обединетите нации.
– Тоа е една од ретките причини поради кои вреди да се излезе од дома во овие кризни Ковид-19 денови. Најдете начин да бидете физички активни без да се групирате. Вежбајте дома, на тераса, во двор, во маало, во парк, на планина. Чувајте се и бидете активни! Спортот ги зајакнува младите, индивидуите и заедниците и придонесува кон исполнување на целите на одржлив развој, особено кон јавното здравство, образованието и социјалната инклузија, пишува премиерот Заев.
Toj уште додава дека кампањата со белиот картон в рака ја симболизира позитивната моќ на спортот и ги афирмира вредностите како правичност, еднаквост, соработка, почит и солидарност, наспроти црвениот картон што симболизира најголем прекршок и непочитување на правилата во спортот.
Дел од оваа фото-кампања се и врвни спортисти и спортистки, професионалци во своите спортски домени, почнувајќи од Ива Пројковска, меѓународна ФИФА фудбалска судијка, Стојан Поповски, тријатлонец, Мајкл Марковски, рагбист, Наташа Ристовска, мечувалка, Берат Јакупи, каратист, Златко Хорват, ракометар, Дрита Ислами, атлетичарка и Виктор Трпевски, спортски качувач.
извор: МИА