27 април е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвавиот печат на ВМРО-ДПМНЕ. Тие насилници кои беа придружувани и од Христијан Мицкоски пред македонското Собрание, не се, ниту некогаш ќе бидат уставобранители, тие се само насилници, бранители на криминалите на Никола Груевски, велат од СДСМ.
Насилството беше последното прибежиште на режимот! Се обидоа, но не ја спречија слободата. Сите плативме цена, и како луѓе и како држава, но покажавме дека имаме сила и одлучност за пресврт! Четири години по крвавиот четврток во Собранието, сведочиме на шокантно сознание – иницијаторите на нападите не ја научиле лекцијата и бесрамно застанаа во одбрана на насилствата. Користеа насилство за да сочуваат власт, за да ја цементираат својата моќ, за да продолжат да владеат со страв и корупција, вели Шекеринска.
Четири години од крвавиот четврток, сè уште се свежи сеќавањата на тој 27 април, на неизвесноста, на тензиите, насилството… Но, и на одлучноста да не отстапиме од борбата за подобра иднина на народот, дури и кога нашите животи беа загрозени. На крвавиот четврток сите сведочевме до каде може да отиде омразата, поделбите, желбата за пресметка со оние кои мислат поинаку, се сеќава Николовски.
Пратениците со 60 гласа „против“, 11 „за“ и без ниту еден воздржан вчера не ја прифатија интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од Алијанса за Албанците и Алтернатива, а поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Пратенците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија 39-та седница.
Во државава досега се вакцинирани 53.193 граѓани, а на веб страницата вакцинација.мк се пријавиле 203.047. Процесот на вакцинација се одвива добро, а во тек се и подготовките за масовната вакцинација која треба да започне по велигденските празници во шесте регионални вакцинални пунктови во Куманово, Штип, Битола, Охрид, Тетово и во Кавадарди.
Германската компанија „Гересхајмер“ денеска официјално ја отвори фабрика во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 2 во Бунарџик за производство на специјализирани производи од медицинско стакло и пластика, инвестиција од 25 милиони евра и 400 работни места.
Премиерот Зоран Заев денеска треба да има средба со инспекторите од Државниот пазарен инспекторат во врска со нивната петиција против разрешувањето на директорот на ДПИ Стојко Пауновски.
Откако јасно и гласно ја кажа својата поента за одбивањето да вработи десетина лошо квалификувани административци од „рамковниот“ список на државата и го собра аплаузот на голем дел од јавноста, Стојко Пауновски – за кого сите упатени велат дека одлично си ја знае работата во државната пазарна инспекција – влезе во нова фаза на своето инсистирање дека тој е во право: да го сруши премиерот Заев од власт, пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА.
М. Миткоска







