ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Недискриминација и мултикултурализам во училиштата“, денеска, со почеток во 13 часот. На панелот ќе земат учество Министерката за образование и наука, Мила Царовска, проф. Елена Џукеска од Независниот академски синдикат и Бленди Ходаи, претседател на Средношколски сојуз. Модератор на дискусијата ќе биде Џабир Дерала од ЦИВИЛ, кој на почетокот ќе направи и кратка презентација на проектот „Европски перспективи“.
Настанот ќе се одржи без публика, во хотел „Парк“ (зад скопскиот стадион) и ќе биде пренесуван во живо на Фејсбук страницата и на видео каналот на ЦИВИЛ, а потоа ќе бидат објавени низа медиумски содржини на медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА, на македонски, албански и англиски јазик. Преземањето на содржините нагласуваат од ЦИВИЛ, е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.
ЦИВИЛ активно се вклучи во процесите поврзани со реформите во образованието со фокус на темите мултикултурализам и недискриминација. По овој настан, предвидени се уште две теми од областа на образованието и тоа: „Деполитизација на училиштата“ и „Перспективите на практикувањето и наставата за европските вредности во училиштата“.
Панел дискусиите се дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година. Проектот обединува повеќе компоненти од кои едната е „Застапување и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата во основните и средните училишта преку придонес кон реформите на образовниот систем“.
Во наредниот период, ЦИВИЛ најавува објавување на низа документи за креирање политики во оваа и низа други области поврзани со европските перспективи на земјата.