Промена на границите кои ги предвидува законот за прогласување на Шар Планина за национален парк побараа дел од месните заедници на шарпланинските села. Сметаат дека со постојните граници, ќе останат со скрстени раце, односно не ќе можат да ги користат целосно нивните земјишта и пасишта, како и приватните имоти, каде освен куќи за домување имаат претежно ресторани и викендички, откако истите ќе бидат во самите национални паркови или пак на нивните граници.
„Бараме да биде паркот над 1.200 метри надморска височина, сега границата на паркот е над 500 метри надморска височина и со оваа граница влегуваат повеќе села, но и приватни имоти. Еве јас имам викендичка и таа ми влегува во националниот парк, каква што е таква ќе остане ќе немам никаква слобода, потоа не ќе смеам да сечам шума како досега што сум сечел, нормално плански во рамки на законот со дозвола од надлежните. Мора да се помести границата, во спротивно ќе излеземе на протести пред влада“, рече Фадиљ Сабриу од месна заедница село Пршовце.
На дебата која се одржа во Тетово присуствуваа и неколку ловџиски друштва. И тие негодуваат на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк. Сметаат дека во идното заштитено подрачје тие повеќе нема да можат да вршат ловни активности.
„Затоа ние предлагаме кај нас во идниот национален парк Шар Планина да се примени моделот како во Триглав Словенија, каде и таму тоа подрачје е национален парк, но на ловџиите со некои посебни правила како што е пропишано во законот им е дозволено да ловат“, рече Стојче Ѓорѓески од ловџиското друштво Љуботен.
Директорот на Управата за животна средина при Министерството за животна средина, Исен Џемаили смирува. Вели дека идното заштитено подрачје нема да им преставува никаква пречка и проблем на активностите на селаните кои досега ги вршеле, само ќе има поголема контрола.
„Сите жители кои ќе живеат во националниот парк, но и покрај паркот нема да имаат никакви пречки да ги користат своите имоти и да ги развиваат своите бизниси, особено руралниот туризам, за кој ние како институција ќе се грижиме уште повеќе да се развие, а мештаните ќе ги стимулираме со разни субвенции“, истакна Џемаили.
Идниот национален парк ќе се протега од врвот Љуботен па се до крајната точка на Шара во гостиварско.
Најниската точка на заштитената зона според предвиденото ќе биде над село Лешок на околу 550 метри надморска височина, највисоката Титов Врв на 2.747 метри.
Законот за прогласување на Шар Планина за Национален парк се очекува да се изгласа во собранието за неколку месеци. Потоа ќе треба да се донесе управувачки план за ова заштитено подрачје и основање на установата Национален парк која ќе управува со идното заштитено подрачје поделено на три зони.
Во третата зона или зона на одржливо користење ќе припаѓаат сите села од Шарпланинскиот масив, потоа втората зона или зона на активно управување кој го опфаќа средишниот појас на Шара и третата строго заштитена зона во недопрениот предел на планината, за каде еколошките организации негодуваат на дозволите за изградба на пет хидроцентрали дадени од пред неколку години, за кои Министерот за животна средина Насер Нуредини изјави дека преговара со концесионерите да се откажат од изградбата на овие објекти.
Најавите се дека оваа година Шара ќе биде заштитена, а од надлежното министерство истакнаа дека е донесено решение за привремена заштита на Шар Планина кое подразбира сите иницијативи за градење, добивање концесии и слично да бидат запрени.
Зоран Димовски