Северна Македонија веќе е во врвот во регионот во искористеноста на обновливите извори на енергија, а со Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на Владата, се очекува земјава уште да напредува во тоа поле. Со инвестициите од преку 3 милијарди евра во енергетиката, Владата освен што ќе инвестира во зелена енергија, ќе ги зачувува работните места и работи на затворање на јаглените електрани, дури и пред некои земји од ЕУ.
Само во минатата година, Северна Македонија има раст од 827 мегавати или 10,1% во искористеноста на обновливи извори на енергија, со што е на меѓу врвот во регионот.
Помеѓу поголемите инвестиции кои ги најави Владата со ИПИ 2021-2027 во енергетскиот сектор беше фотонапонска електрана на локација на порано предвидениот аеродром во Штип. Оваа фотонапонска електрана би се простирала на 477 хектари и би произведувала меѓу 300 и 350 мегавати, колку што во моментов произведуваат двата блока на РЕК Битола. Оваа инвестиција би била околу 200 милиони евра, а премиерот Зоран Заев најави дека таа ќе биде 100% државна инвестиција.
Инвестиции за фотонапонски електрани и централи Владата најави во уште неколку градови во земјава, а некои од проектите се веќе во завршна постапка.
Во следните неколку недели се очекува да почне изградбата на фотонапонска електрана во Осломеј, инвестиција на државата. Фотонапонски централи што се реализираат веќе и дел во следниот период ќе продолжат да се реализираат во Македонски Брод и во Свети Николе на државните локации, но и на многу други привлечни локации пуштени се веќе и во Неготинско, во Брвеница и на други локации, за 60 мегавати вкупната вредност е некаде околу 40 милиони евра.
Д. Е.