пишува: РИБАРО
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека на 5 јуни (сабота) ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за првиот албански премиер. И премиерот Заев, денеска вели дека ДУИ има убава работа да соопшти во сабота.
Екипата на АХА од извори блиски на ДУИ, дознава дека Ахмети има намера да се повлече од политиката и лидерското место да го препушти на помладите. Шпекулациите се дека на негово место ќе дојде жена. Главен фаворит, за лидерската позиција била градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Но имало технички проблем. Единствената пречка за да се оствари изненадувањето, е тоа што нити Теута може да излези од Тетoво, ниту пак Ахмети може да влезе за да изврши примопредавање на престолот. Проблемот со ѓубрето што со години се расфрла низ градот и дивите депонии, деновиве достигна кулминација и го закочи целиот сообраќај.
Злобниците велат дека поради сето ова може да се изјалови работата, или не дај боже да се премисли Ахмети.
Дека повлекувањето на Ахмети би било најпосакуваното сценарио и најубавата вест што можат да ја соопштат ДУИ, во изјава за АХА, се сложува и Том Круз херојот од „Немогуќа мисија“, кој во близина на Тетово го снима последното продолжение од култниот „Топ Ган“.
– Кога не може да биде Кели Мек Гилис, нека е Теута, вели Том.
Раде Шербеџија, пак, кој игра во филмот, истакна дека негов фаворит е Ермира Мехмети.
Репортерските екипи на Си-Ен-Ен, Би-Би-Си, Ен-Би-Си, и Еб-И-Си, веќе се паркирани пред седиштето на ДУИ, во очекување на убавата вест, а небото над Мала Речица е обезбедувано од пилотите на „Топ Ган“.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK