Започна уривањето на платформите во Струга. На атрактивните плажи долж брегот денес започна отстранување на платформите од езерото.
Концесионерите сами ги демонтираат објектите по налог на општината. Градоначалникот, кој денес заедно со вицепремиерот Артан Груби извршија увид на крајбрежјето, најави дека ќе се отстрануваат шест платформи за зачувување на статусот на регионот под УНЕСКО.
За разлика од Охрид каде се уриваа и објектите на плажите, во Струга угостителските објекти ќе продолжат да работат.
„Сите тие угостители си плаќаат такса како што е наложено во одобренијата од 2010 година, иако им се истечени договорите за концесија, тие работат легално. Овде во Струга нема дивоградби ова што го правиме е солидарно и бараме фид бек план развиеме мора да се развиеме“, вели Рамиз Мерко, градоначалник на општина Струга.
„Во дијалог со општинските власти, во согласност со препораките на УНЕСКО ќе се отстранат платформите на најдобар начин преку дијалог со бизнис заедницата и општината“, вели вицепремиерот Артан Груби.
Концесионерите велат ќе ги тргнат платформите, но сметаат дека погрешно е да се прават штети во ек на сезона.
„По наредба постапуваме по решението што го добивме во петокот не чекавме ете сами стартувавме, сметам дека ова можеше да биде после сезоната“, вели Галиб Османоски концесионер на плажа.
Струшкиот градоначалник ја повика државата и Комисијата на УНЕСКО да дадат план и насоки за развој на туризмот во градот. Засега нема да се уриваат платформите во струшкото село Радожда.
Соња Рилковска