Експлицитен говор на омраза на социјалните мрежи кон активистката Видана Бошкова Мицевска, предизвикан од фото-монтажа со која е злоупотребен нејзиниот идентитет и фотографија за пласирање на лажна вест.
На Твитер, објавена е фото-монтажа во која лажно се наведува дека е објавен твит од Бошкова Мицевска со содржина: „Ериксен да ви се деси!!!“. Фото-монтажата истовремено е објавена од повеќе твитер профили.
Бошкова Мицевска во објава на фејсбук, реагира дека се работи за фото-монтажа и злоупотреба на нејзиниот идентитет со која се сака да се наштети на нејзиниот углед и да се предизвика говор на омраза кон неа.
Од она што може да се види при пребарување на Твитер, твит со таква содржина не постои.
Ваквите „теледиригирани“ твитови со кои преку лажна вест имаат јасна цел да прикажат извртена слика за да предизвикаат во коментари говор на омраза кон Бошкова Мицевска, имаат многу споделувања.
„Ова се последиците од вмрото ПЕТ ГОДИНИ по 2016. Во оваа земја не е само да го сакаш тоа што го сакаш, мораш да го МРАЗИШ тој што не го сака тоа што ТИ го сакаш.“, вели Бошкова Мицевска.
Таа повикува Владата и премиерот да реагираат на ваквите злоупотреби – „Општество за сите не се гради ако не се грижите навистина за сите“, вели во фејсбук-објавата, активистката Бошкова Мицевска.
„Мицкоски од вмро со портпаролот и ботовите и платените, лани одржуваа пресови на тв за мене. Еј за мене. Тоа е таа простотија која се нафрла на жени, активисти, културни, никого не сум чепела, не сум раскажувала лични приказни за обични луѓе.
Дали вашата лична и општо на целата влада негрижа за луѓето кои вмро ги гази во јавниот простор значи дека треба да замолчиме сите. Така беше еднаш, траеше 10 години. Да се кладиме дека следниот пат ќе биде многу многу подолго“, наведува во објавата Бошкова Мицевска.
Поддршка до активистката Бошкова Мицевска со коментари дека мора да реагираат надлежните за да се спречат ваквите злоупотреби има од активисти, новинари и уметници, кои истакнуваат дека се работи за класичен „сајбер булинг“ и бараат итна реакција од полицијата и обвинителството.
Јане Ѓорѓиоски