Улиците „Димитрије Чуповски” и „Даме Груев”, како и дел од булеварите „ВМРО” и „Илинден” во центарот на Скопје утре ќе имаат изменет режим на сообраќај, поради одржување на „Парада на гордоста” од 12 до 17 часот, соопшти МВР.
– Предвидената траса на движење на учесниците од пред паркот „Жена Борец”, која започнува во 12:00 часот е по улица „Димитрије Чуповски”, свртување на улица „Даме Груев” и булевар „ВМРО” кон Владата , па по булевар „Илинден” до фонтаната во Градски парк и завршува на „Школка” во Градскиот парк во 17:00 часот, се вели во соопштението од МВР.
Од МВР, информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, кој ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.