Сè помалку инциденти со меѓуетничка позадина евидентира Секторот за внатрешни работи Тетово во полошкиот регион. Лани имало само еден, а годинава односно за изминативе 5 месеци не е евидентирана ниту една расправија, тепачки, нарушувања на јавниот ред и мир со меѓуетнички карактер, што порано беше зачестена појава.
Универзитетскиот професор по мултикултурализам Агим Пошка, вели дека сите активности и проекти се важни и со придобивки за меѓуетничка толеранција, но сепак смета дека заедничкото зло можеби е причина за добрата статистика која говори дека нема евиденитрано инциденти со меѓуетничка димензија.
„Секогаш кога имало војни и вируси како во случајов со Ковид-19 луѓето ја заборавале алчноста и заеднички се бореле против тоа зло, и така некако спласнува таа гордост етничка и ги смирува страстите“, вели професорот Пошка.
„Да бидеме искрени, да не беа политичките партии можеби порелаксирани ќе беа односите во смисла на главниот фокус. Повеќето партии кои немаат одредени резултати во нивното владеење им требаат вакви теми за да ја покријат таа нивна неумешност, претежно економски, но и во евроинтеграциите“, вели Пошка.
Пошка додава дека тензиите претежно се стимулираат од јавните настани, од јавните личности или поконкретно до политичките лидери.
„Имавме разни активности, сурфај безбедно на интернет, почитувај ги различностите, стоп на говорот на омраза кои СВР Тетово успешно ги реализираше изминатиов период и за тоа ја имаме оваа статистистика“, изјави Фатмир Бесими портпарол на СВР Тетово.
Зоран Димовски